Достапни линкови

Почнува државната матура, денеска се полага мајчин јазик


Вкупно 18.370 пријавени кандидати во оваа учебна 2013/2014 година денеска ќе полагаат мајчин јазик, прв од четирите матурски испити, неопходни за продолжување на образованието на некоја од високообразовните институции.
На 11 јуни матурантите ќе полагаат англиски, француски, германски или руски јазик, на 13 јуни математика, естетика и филозофија, а на 16 јуни испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис.

Интерните испити ќе се полагаат во термини утврдени од училишната матурска комисија на предлог на соодветните предметни комисии и тоа во период од 16 до 30 јуни во јунски испитен рок и од 18 до 23 август во августовски испитен рок.
Прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит.

Доколку кандидатот смета дека е направена грешка во оценувањето, пресметувањето на бројот на бодовите или изведувањето на оценката, може да достави приговор во рок од два дена по нивното објавување. Учениците кои од оправдани причини не можат да полагаат во јунскиот рок или, пак, нема да положат дел или сите испити од државната матура тоа ќе може да го направат во августовскиот испитен рок.

Во процесот на државната матура, покрај вработените во Државниот испитен центар, се вклучени училишни членови на матурски комисии, 2.000 обучени тестатори наставници, 500 оценувачи, а ќе ги следат над 200 овластени испитувачи.
XS
SM
MD
LG