Достапни линкови

Оф-фест 2014 за развивање културен дијалог со светот


Мулату Астатке, музичар.

Мулату Астатке, музичар.

Со учество на легендарниот етиопски музичар Мулату Астатке, „Бунтовниот генерал“ од Конго кој го растресе светот Јупитер Боконџи и неговите ОУКВЕС ИНТЕРНЕЈШНЛ, ГЕОДУМДО ФЕКТОРИ од Јужна Кореја, блескавата нова фадо ѕвезда Кармињо, фламенко девојките ЛАС МИГАС од Шпанија, Феликс Лајко и Антал Браснио од Унгарија, Зоран Предин и ДАМИР КУКУРУЗОВИЌ ЏАНГО ГРУП од Словенија и Хрватска и нашите ФОЛТИН со нивните гости, од 30 мај до 5 јуни, на неколку сцени во Скопје, ќе се одржи 13-то издание на „Оф-фест“, манифестацијата чија мисија е да едуцира и која тежнее кон развивање културен дијалог со светот.

Замислен како фестивал кој тематски ќе се бави со музиката на светот и на тој начин ќе ја прочисти и растовари програмата на големиот Скопски џез фестивал, Оф-фест веќе 13 години се обидува и успева да се издигне во значајно регионално случување кое покрај едукативната мисија тежнее и кон развивање на заумен културен дијалог со светот. Згора на тоа манифестацијата упорно и постојано ја промовира идејата за разбивање на предрасудите во однос на нашето стереотипно поимање на созвучјата од светските меридијани. Јупитер&Окуес интернешнал.

Јупитер&Окуес интернешнал.


Со Оф-фест се имаме зафатено со ѓаволски тешка задача затоа што ние на овој Фестивал и на концертните подиуми не носиме нешто што сите го знаат од типот на Здравко Чолиќ или Жељко Јоксимовиќ итн., туку носиме имиња кои можеби поради нашата затвореност кон музиките кои доаѓаат од светот, а не се само од Запад, се речиси непознати за овдешната публика.

Од таму, сосема разбирливо е што и во оваа пригода публиката ќе има можност да проследи перформанси на артисти кои сопствените звучни слики ги потпираат на традиционалните постулати, но уште повеќе си даваат слобода да го чествуваат ритамот на денешнината во која сè почесто исчезнуваат националните предзнаци.

„Со Оф-фест се имаме зафатено со ѓаволски тешка задача затоа што ние на овој Фестивал и на концертните подиуми не носиме нешто што сите го знаат од типот на Здравко Чолиќ или Жељко Јоксимовиќ итн., туку носиме имиња кои можеби поради нашата затвореност кон музиките кои доаѓаат од светот, а не се само од Запад, се речиси непознати за овдешната публика како Кармињо, Мулату Астатке или Јупитер. Тоа значи дека одиме на прво претставување на нешто што овде е непознато, а ние многу добро знаеме дека сите овие групи и артисти не се толку извикани дури и во своите земји како што се тоа на светските сцени. Се работи практично за навистина големи имиња на светската музика“, ќе рече Оливер Белопета, првиот човек на СЏФ организаторите на Оф-фест.
Фолтин.

Фолтин.


Серијата на концертни настапи ќе започне со унгарскиот виолинист и зитерист Феликс Лајко, некогашниот член на РИТУАЛ НОВА на Борис Ковач, соработник на Александер Баланеску, Бобан Марковиќ и мнозина други, и творецот кој вешто си поигрува со стиловите и кој за себе знае да каже дека „оди по сопствениот пат, компонирајќи и импровизирајќи“.

По неговиот петочен концерт во кино „Фросина“, в недела на 1 јуни, во Универзална сала е предвидена двојна програма. Најнапред ќе ги видиме и чуеме нашите ФОЛТИН, дефинитивно една од најоригиналните музичко-артистички пројави во овој дел на светот. Тие овојпат својата страствена и бескрајно имагинативна звучна слика ќе ја градат помогнати од специјалните гости Васко Атанасовски, Марјан Станиќ од Словенија и Наталио Суед од Холандија, а станува збор за проект кој е резултат на соработката на три сродни фестивали – љубљанска Друга годба, Мјузик митинг и Оф-фест.

Потем следува настапот на етиопскиот вибрафонист, перкусионист и аранжер Мулату Астатке („таткото на етио-џезот“) и музичарот кој своите интереси за џезот и латино звуците ги комбинира со традиционалниот звуковен јазик на родната земја. За него треба да се знае дека е првиот африкански студент кој се образувал на престижниот музички колеџ Беркли и пред две години бил прогласен за почесен доктор по музика, дека се појавува на трите најпознати инструментални изданија од „златната ера на етиопската музика во 70-те години на минатиот век“, дека тогаш бил специјален гостин на турнејата на големиот Дјук Елингтон и дека конечно пошироката светска публика го запознала во 2005 година кога се појавува како автор на седум композиции на саунтракот за филмот „Broken Flowers“ на култниот Џим Џармуш.

Со нагласено внимание треба да се проследи и концертот на ЈУПИТЕР И ОУКВЕСТ ИНТЕРНЕЈШНЛ кој треба да се случи на 3 јуни, во 22 часот, во клубот Станица 26. Едноставно не смее да се пропушти врелиот перформанс на „Бунтовниот генерал“, симболот на музичката сцена на Конго и човекот кој што внесувајќи фанк и урбан грув ја ревитализира тамошната митска румба. Кон ова уште фактот дека, под кураторство на Дејмон Албарн, Боконџи и неговите придружници не само што израснаа во едни од најблескавите ѕвезди на турнејата „Африка експрес“ туку си ги отворија и вратите на големите фестивали како Гластонебери и Вомад. Нивниот минатогодишен деби „Hotel Univers“ ги освои критичарите, а со тоа дојде и признанието за најдобар нов албум со светска музика.

А, по ТОРИ АНСАМБЛ и НОРЕУ МАЧИ, од Јужна Кореја, земјата која извонредно многу се грижи за своето културно наследство, овојпат на Оф-фест доаѓаат ГЕОМУНДО ФЕКТОРИ. Се работи за квартет од млади инструменталисти кои во основата на својата музика го имаат моќниот (мелодиски и ритмички) звук на истоимениот традиционален жичен инструмент од 4 век, но чија севкупна слика и прифаќањето на експериментот се прилагодени на столетието во кое живееме.

На 4 јуни во МОБ ќе го проследиме и настапот на Зоран Предин и ДАМИР КУКУРУЗОВИЌ ЏАНГО ГРУП. Станува збор за проект на словенечкиот кантавтор и некогашен лидер на мариборските ЛАЧНИ ФРАНЦ, автор кој зад себе има 34 албумски објави, неколку книги и се појавува со неколку формации и хрватскиот џипси-свинг гитарист Кукурузовиќ кој се смета за голем негувач на богатото музичко наследство на легендарниот Џанго Рајнхард.

И, конечно, на 5 јуни, ќе бидеме свидетели на медитеранската емотивност која со себе треба да ни ја донесат ЛАС МИГАС, четирите девојки кои тргнуваат од фламенкото и пловат по неконвенционалните современи звучни патеки, и потем Португалката Кармињо, новата блескава ѕвезда на фадо музиката чиј деби албум влијателниот музички магазин „Сонглајн“ го прогласи за најдобар во 2011 година. Успехот беше повторен со следбеникот „Alma“ каде нејзиниот глас, покрај блескавите аранжмани на бразилските великани Фернанда Марија и Винисиуш де Моралес, блесна со моќна и сирова нежност, па така останува по Мариза, Кристина Бранко и Тереза Салгуеиро од МАДРЕДЕУШ, во градов да ја поздравиме девојката која со себе го носи неповторливиот дух и сликовитата атмосфера на лисабонскиот уметнички кварт Баиро Алто.

И уште нешто. Во рамки на годинешното издание на фестивалот ќе биде прикажан и документарниот филм „Јупитерс денс“, приказна за животот на музичарите во Конго раскажана преку патување низ гетата на Киншаса и ќе биде сторена промоцијата на новиот албум на Тони Китановски насловен како „3 х 3“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG