Достапни линкови

Дневен печат - Оставки на опозицијата во Собранието


Поднесувањето оставки на новоизбраните пратеници на опозицијата на чело со СДСМ во Собранието е во фокусот на дневните весници.

„Сите дадоа оставки освен Роза“. Со ваков наслов Слободен печат ја објавува информацијата за поднесувањето оставки на сите новоизбрани пратеници на опозицијата на чело со СДСМ во Собранието од кој потег се дистанцира Роза Топузова-Каревска од ЛДП. И Утрински ја објавува информацијата дека „Опозицијата ги поднесе оставките во Собранието“, цитирајќи го притоа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека со овој чин „јасно им ставаме до знаење на Груевски и неговата власт дека не можат насила да ја внесат опозицијата во Парламентот“. Утрински ја пренесува и изјавата на Димовски, кој, пак, ја пренесува реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека „СДСМ треба да сноси одговорност за одлуката“.
СДСМ: Ќе дејствуваме вонпарламентарно, ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го изгуби компасот.


Дневник прво ја објавува реакцијата на владејачката партија, а потоа веста за потегот на новоизбраните пратеници од опозицијата. Вечер насловува: „СДСМ: Ќе дејствуваме вонпарламентарно, ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го изгуби компасот“.

Само Утрински ја објавува изјавата на министерот во оставка Ставрески дека е „Рано за ребаланс на буџетот“ како одговор на новинарско прашање по објавените податоци дека за првите четири месеци од годинава веќе се потрошени над 67 отсто од предвидениот буџетски дефицит.
Нема трага од ножот со кој беше убиен Ангел.


Во Утрински може да се прочита и дека преговорите за новата влада биле при крај, но дека „Владата се закочи кај образованието“.

Исто така во Утрински читаме дека „Нема трага од ножот со кој беше убиен Ангел“, инаку случка што го крена Ѓорче Петров на нозе, но со сè уште незавршена истрага и без епилог.

Слободен печат ги регистрира резултатите од европските избори: „Екстремисти и евроскептици го наполнија Европарламентот“, а Утрински оди со наслов: „Европскиот ’земјотрес‘ ќе го погоди и проширувањето“. Дневник објавува дека „Евроскептиците ја поткопаа проевропската тврдина“.

Како за крај: Утрински и Слободен печат ја цитираат најновата студија за зеленилото во Скопје која забележува драстично намалување на зеленилото во главниот град од 2002 наваму и дека трендот на градење во последната деценија „изел“ дури 50 отсто од постојното зеленило во Скопје.

И - „Поштенските сефови пак почнаа да се празнат“, објавува Нова Македонија информирајќи за најновиот тренд на празнење на сефовите во локалните пошти.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG