Достапни линкови

logo-print

Блокирање на работата на институциите и продлабочување на политичката криза, се можните последици за македонската демократија откако пратениците на СДСМ ги вратија своите пратенички мандати.

Од продлабочување на политичката криза до блокирање на работата на институциите. Ова според дел од аналитичарите се можните последици за македонската демократија откако и формално пратениците на опозицијата ги вратија своите пратенички мандати. Универзитетскиот професор Здравко Савески вели дека во нормални околности демократијата функционира и според сопствените пишани, но и според непишани правила.
Може да значи продлабочување на кризата со македонската демократија или може да биде шок од кој ќе тргнат работите на подобро.


„Може да значи продлабочување на кризата со македонската демократија или може да биде шок од кој ќе тргнат работите на подобро, во смисла власта, како и во 1994 година кога исто така се случија големи изборни нерегуларности, да увиди дека она што самата таа го прави е на штета на демократијата и да ги врати работите малку во демократски колосек“, вели Савески.

Враќањето на мандатите на најголемата опозициска партија само го потврдува фактот дека нашето демократско општество е во криза, констатира професор Алајдин Демири. Фактот што парламентот ќе функционира хендикепирано, а без криза, го обезличува како институција и поставува диктаторски процес кој не е познат во демократијата, вели Демири.
Друг проблем е што всушност сака опозицијата, затоа што со вистинските потреби на опозицијата никој не се занимава. Полесно е да се игнорира, според власта, отколку да се занимаваат со сериозните проблеми.


„Друг проблем е што всушност сака опозицијата, затоа што со вистинските потреби на опозицијата никој не се занимава. Полесно е да се игнорира, според власта, отколку да се занимаваат со сериозните проблеми“, вели Демири.

Падот на демократските стандарди во последните неколку години создаде услови во кои која било опозиција би била дестимулирана да учествува во институциите на системот, па оттука потегот на СДСМ, според Савески, е логична последица на сите случувања во Македонија.

„Овој потег не доаѓа од никаде, туку е резултат на веќе неколку години иссилен политички дијалог со голем број проблеми и со одвивање само под странски притисок и само како решение на краток рок“, вели Савески.

Она што треба да нè загрижува е што партиите на власта демократијата ја толкуваат така како што тие сакаат, односно се водат под мотото ние ги имаме сите права во моментот кога ја добиваме власта, анализира Демири.

„Ова е логика која е недемократска. Од друга страна ќе ги хендикепира сите органи. И власта, и владата ќе биде нелегитимна затоа што нема опозициски пристап“, вели Демири.

Според нашите соговорници последниот потег на опозицијата, ќе значи и нов удар врз политичкиот дијалог, кој веќе подолго време се посочува како значителна слабост на македонската демократија.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG