Достапни линкови

Рускиот сон за Евроазиска унија


На денешниот самит во Астана, Русија, Белорусија и Казахстан потпишаа договор со кој нивната Царинска унија на 1 јануари догодина ќе стане Евроазиска економска унија. Сепак, некои нејзини сегашни членки почнаа да се сомневаат во вистинските намери на Русија, особено по настаните во Украина.

Користејќи комбинација на субвенции и принуда, Москва ја остварува нејзината намера за Евроазиска унија. Како што овој блок суштински се зацврстува, симултано расте и бројот на земјите. Ерменија и Киргистан веќе се на патот да станат членки на Унијата.
Заедно денеска создаваме моќен и привлечен центар за економски развој, огромен регионален пазар од над 170 милиони луѓе.
Владимир Путин, претседател на Русија.

„Заедно денеска создаваме моќен и привлечен центар за економски развој, огромен регионален пазар од над 170 милиони луѓе“, рече денеска во Астана рускиот претседател Владимир Путин.


Но, поради украинската криза, кога се покажа готовноста на Москва да интервенира во внатрешните работи на нејзините соседи, се јави страхување кај некои сегашни и идни членки.

„Го анализиравме документот внимателно и мора да кажам дека има некои точки за незадоволство. Ќе работиме да ги поправиме“, изјави во Астана белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Очигледно е дека тоа е политички проект. Русија се гледа себе си како геополитички пол во глобалните односи и нејзиниот проект да има сојузници од советското време не е само економски.
Нику Попеску, аналитичар во Институтот за безбедносни студии на Европската унија.


Тоа особено се покажа на самитот на трите земји од Царинската унија минатиот месец во Минск.

„На Евроазиската унија претходно се гледаше како на платформа за постигнување компромиси. Но, сега по настаните во Украина, стана јасно дека не се работи само за размена на стоки и услуги“, вели Јури Чаусов, политички аналитичар од Минск, додавајќи дека е очигледно оти оваа Унија нема да биде слична на онаа Европската, односно дека сите сфаќаат оти во неа партнерите нема да бидат еднакви, туку ќе му служат на еден лидер.

За дел од аналитичарите Русија на ваков начин се обидува да ја врати политичката доминација од времето на Советскиот Сојуз.


„Очигледно е дека тоа е политички проект. Русија се гледа себе си како геополитички пол во глобалните односи и нејзиниот проект да има сојузници од советското време не е само економски“, оценува Нику Попеску, аналитичар во Институтот за безбедносни студии на Европската унија.

И покрај тоа што Царинската унија функционира од јануари 2010 година, тешко е да се процени какво е економското влијание врз нејзините членки.

Помалите членки постојано се жалат дека Русија, и покрај Унијаа, се уште целосно не ги отворила нејзините пазари. Напротив, таа ги зголеми заштитните тарифи како одговор на глобалната финансиска криза, принудувајќи ги и другите две членки да го сторат истото.

Доколку руската економија, поради кризата во Украина, се соочи со пошироки санкции од Западот, тогаш индиректно ќе бидат погодени и Белорусија и Казахстан.

И покрај ваквите изгледи, Ерменија и Киргистан ги забрзаа нивните чекори кон приклучување на заедничкиот блок. Ерменија ги изненади познавачите на приликите кога нејзиниот претседател Серж Саркисијан лани изјави дека ги суспендира разговорите со Европската и ќе бара членство во Евроазиската економска унија.

Што се однесува до Киргистан, пак, многумина ја цитираат изјавата на претседателот Алмазбек Атамбаев:

„Мора да сфатите дека за жал ние немаме алтернатива. Украина може да избира меѓу Европската и Царинската унија. Нашиот избор е мал“, рече тој.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG