Достапни линкови

logo-print

Jавно-приватно партнерство и институционална инертност


Со јавното-приватно партнерство и двете страни добиваат, но мора да ја пребродите институционалната инертност, вели во разговор за Радио Слободна Европа, Ричард Нормент, научен соработник и поранешен директор на Националниот совет за јавно-приватно партнерство во САД.

Господине Нормент зошто е важно јавното-приватно партнерство?

Важно е бидејќи на тој начин ќе се испорачаат проекти или услуги кои јавниот сектор не може самостојно да ги спроведе. Тие можеби нема да имаат доволно финансии, технички вештини така што јавното-приватно партнерство стана значајно за остварување на нештата кои јавниот сектор не е во можност да ги оствари. За приватниот сектор тоа претставува начин на кој може да го прошират својот бизнис и зголемување на можностите за раст и развој. Со јавното-приватно партнерство и двете страни добиваат. Клучно во јавното приватно партнерство е тоа што приватниот сектор може да донесе иновативен одговор и идеи за реализација на некој проект, за кој јавниот сектор не помислил и не го земал предвид. Така што партнерството може да биде многу иновативно. Но, тоа е комплексен процес и не е лесно да се постигне. Но, потешко е воопшто да не се практикува.

Како се покажува праксата до сега и во светот и во Македонија?

Во светот тоа е растечки тренд, кој делумно е поттикнат од економската ситуација. Во САД имавме значаен пад на економијата, кој го лимитираше буџетот, но тоа не ги скрати потребите на јавноста. Така што јавниот сектор имаше се повеќе проекти врз основа на партнерство со приватниот, а ист е случајот и низ Европа. Истото се случува и во земјите во развој како Индија, каде има повеќе јавни-приватни партнерства, отколку воопшто низ целиот свет. Македонија само што го започнува тоа патување и сега го развивате процесот, а тоа се обидува и УСАИД да го постигне и затоа ја посетив и вашата земја. Како да ги натерате луѓето да мислат дали тоа е вистинскиот пристап и дали тоа има смисла за општините и македонската влада и одговорот е секако за одредени проекти. Но, морате да направите анализа што ќе биде подобно за јавното-приватно партнерство, а што не. Потребно е и јавниот сектор да се ангажира и да биде убеден дека вреди партнерството. Едно од прашањето е која е мотивацијата, а одговорот е дека може да се спроведе нешто кое не може да биде остварено на кој било друг начин. На пример има потреба од јавни училишта во Македонија. Приватниот сектор може да ги изгради финансиски поисплатливо и поефективно отколку јавниот сектор самостојно. Тој ги има капиталните ресури, кои ги нема јавниот сектор. Така што можете да остварите некоја потреба на јавноста, а притоа приватниот сектор мора да има одреден разумен профит кој ќе ги охрабри да учествуваат.

Во кои сектори јавното-приватно партнерство е најчесто?

Транспортот е еден од најдолгорочните примери, а аеродромите се класичен пример. Друга област која исто така е значајна е водоснабдувањето, како и урбаниот развој, односно општинските згради, училиштата, судовите и рекретивните центри, како и информативната технологија и енергијата. Партнерставата може да се практикуваат во сите области, но не ги опфаќаат сите проекти, туку околу 20 проценти од нив може да бидат спроведени на тој начин. Така што треба да се направи анализа однапред кои проекти ќе се исплатат. Но, доколку 20 проценти од потребите на јавниот сектор се адресирани преку партнерство и тогаш се заштедуваат пари за други потреби.

Како Македонија, како земја во развој може да профитира од јавното-приватно партнерство?

Една од моите омилени фрази е институционална инертност. Луѓето велат ние не го практикуваме партнерството и нема да го смениме начинот кој знаеме како функционира. Да го промените начинот на кој луѓето ги спроведуваат нештата е тежок и бавен процес и Македонија започна да се движи по тој пат. Како да ги едуцирате не само јавните агенции, туку генерално и јавноста со цел да разберат дека тоа не е приватизација. Не зборуваме компаниите да го преземат сопствеништвото на јавниот имот и да го менаџираат, туку се работи за парнерство. Јавните агенции имаат контрола како проектите се спроведуваат и на крајот резултатот е дека повеќе услуги потребни на јавноста се испорачани. Но мора да ја пребродите институционалната инертност и дека работите се спроведуваат на тој начин. Тоа не е случај само кај вас, со истото се среќаваме и во САД и низ целиот свет.

Господине Нормент, бевте гостин на предавањето за соработката меѓу универзитетите и приватниот сектор. Дали според вас, македонските универзитети може да го испорачаат она што им е потребно на компаниите?

Повторно потребен е иновативен пристап, но одговорот секако е позитивен и веќе имаме примери насекаде. Мислам дека Македонија дури сега го прифаќа концептот и идејата како да ја искористите функцијата на универзитетите и нивните можности за истражување за креирање на нешто ново. Еден од моите омилени примери е еден голем проект, кој можеби не е соодветен за Македонија, но сепак се покажа како интересен пристап. Компанијата Фолксваген изгради фабрика за производство во Тенеси и имаа некакви проблеми со одржување и немаа доволно техничари. Отидоа во локалниот универзитет и им побараа да им дозволат на нивна земја да ја изградат фабриката. За возврат се договорија универзитетот да ја поседува, а фирмата да ја одржува и да ги обучува студентите кои подоцна ќе станат нивни вработени. На Фолксваген му беа потребни работници, а преку партнерството универзитетот доби проширена програма и подобри услови за нивните студенти, така што двете страни профитираа.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG