Достапни линкови

Васко Серафимов - „Metal Jacket“ е лична звучна нота!


По цели четири години од промоцијата на третиот албум „Welcome“ во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, Васко Серафимов се враќа во истиот простор за да го стори првичното претставување на својот нов носач на звук - „Metal Jacket“. Концертот ќе се одржи овој четврток, на 29 мај, од 21 часот и е замислен како елегично, хипнотичко звуковно патешествие во духовниот свет на овој наш артист и музички уметник.

Васко Серафимов е еден од ретките македонски музичари кои својата пројава во јавноста ја имаат само тогаш кога имаат да понудат нешто ново. Тој милува да твори во осамата на сопствениот дом и своите средби со публиката го дозира во некаков временски интервал од половина декада колку што му е потребно да го заокружи своето актуелно дело.
Долго време креирав музика каде што има ритам, ритам, ритам...е сега се тргнав и така некако се пуштив во тие убави бои кои што ги носам во себе и ги покажувам на мој својствен, убав начин.
Васко Серафимов, музичар.


Од таму, нималку не чуди кога, во пресрет на првичното концертно претставување на својот четврти албум „Metal Jacket“, што треба да се случи овој четврток од 21 часот во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, Серафимов знае да каже дека на проектот работел во изминативе пет-шест години и дека на него се поместени 10 инструментални композиции, некаде педесеттина минути звучни пасажи селектирани од претходно готовите безмалку седум часа снимена музика.
Васко Серафимов, македонски музичар.
Васко Серафимов, македонски музичар.

Поминав низ разни периоди и на еден многу убав и директен начин јас тоа си го видов и си го изразив низ звук, низ креација ...така да овој албум е една во суштина лична звучна нота која што е најблиску до мене.

Дополнува дека за него лично ова е најдоброто што тој досега го создал во процесот на креација во кој не оставил нималку простор за додворувачки компромис и токму затоа потпишал дело кое почива на амбиенталните слики и каде само во две-три композиции има нагласен ритам.

„Ритамот е прекрасен. Има одлични автори кои што го работат, светски автори. И јас сум ритмичар и го сакам грувот, но и амбиентот ми е поблизок на некој начин затоа што долго работев со ритмови. Долго време креирав музика каде што има ритам, ритам, ритам...е сега се тргнав и така некако се пуштив во тие убави бои кои што ги носам во себе и ги покажувам на мој својствен, убав начин.“

Серафимов дополнува дека „Metal Jacket“ е негова лична рефлекција на сето она што го опкружува.

„Се препознав себе во разни свои сегменти. Поминав низ разни периоди и на еден многу убав и директен начин јас тоа си го видов и си го изразив низ звук, низ креација ...така да овој албум е една во суштина лична звучна нота која што е најблиску до мене.“

Роден 1966 година, Васко Серафимов е некогашен член на групата ДИЗАЈН и творец кој досега има потпишано три одлични албумски остварувања „Brainstorming“ ( 1998), „Here“ (2005) и „Welcome“ (2008). Соработувал со мнозина познати балкански музичари како Бајага, Ферус Мустафов, Влатко Стефановски, Срѓан Гојковиќ – Гиле, Рамбо Амадеус, Беби Дол, Тијана, Зоран Предин... Со неговиот брат Венко Серафимов се појавува како ко-автор на музиката на филмовите на Киро Урдин ( „Планетариум“, „Оган и вода“ и „Две времиња“), а компонирал и за театарските претстави на режисери како Сашо Миленковски, Владимир Милчин, Александра Ковачевиќ, Наташа Поплавска, Валентин Светозарев и други. Креира музика и за телевизија, а во јуни 2012 година на Скопско лето го претстави проектот „Лавиринти“ посветен на неговиот пријател Роланд Јорданов.

И, ако својата претходна објава во кино „Фросина“ Серафимов ја претстави придружуван од својот брат Венко, Мартин Георгиевски и гостите на албумот Светлана Камџијаш и Зоран Тотевски, овојпат концептот е малку поразличен. Тој опкружен со своите клавијатури, сајзери и машини ќе биде осамен на сцената се некаде до пред крајот на перформансот кога би требало да му се придружи Зоки Џубокс со неговата туба, човекот за кој вели „дека би сакал да му прави реклама но дека на свој начин поседува многу музика и артизам во себе“.

„Концептот го има оној практичен момент да го вклучам сајзерот и да не зависам од гости. Да не зависам од моменти, туку едноставно веднаш да потече музика. Конечно и сама по себе тоа е моја музика. Инаку, јас имам направено матрица. Тоа се тие десет песни од албумот и плус уште една, вкупно некаде еден час звучни слики со мали додавки на сајзерот затоа што таа музика е таква и така се настапува со неа. Значи без многу пумпање, без многу лепење на звуци, звуци...туку да има некаков ред и во тој ред јас како автор да се чувствувам добро, а се надевам и публиката која што ќе дојде да го проследи концертот.“

Кон ова, само уште информацијата дека официјалното објавување на „Metal Jacket“ како физички носач на звук е предвидено за подоцна, а извесно е и тоа дека по скопската ќе следи и промоција на албумот во Белград, каде на Серафимов на концертниот подиум ќе му гостува неговиот пријател, радио водител и некогашен член на култната југословенска група КОСМЕТИКА – Слоба Коњовиќ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG