Достапни линкови

logo-print

Оскаровецот Бигаци добитник на Златна камера 300 на Браќа Манаки 2014


Лука Бигаци.

Лука Бигаци.

Италијанскиот кинематограф и оскаровец Лука Бигаци е добитник на специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки 2014“ што ќе се одржи во Битола од 13 до 19 септември годинава. Јубилејното 35-то издание на оваа голема културна манифестација ќе се одвива под мотото „Кон ѕвездите“.

Лука Бигаци, еден од водечките светски кинематографи и снимателот кој со својот последен проект „Големата убавина“ на режисерот Паоло Сорентино освои оскар во категоријата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и победи при доделувањето на наградата БАФТА и на Златниот глобус, е годинешниот добитник на специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност што ја доделува Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Оваа година Бигаци писмено ни вети дека ќе дојде затоа што мора да подигне две награди – специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес и мора да си ја земе бронзената камера која што ја освои пред неколку години со филмот „Мора да има место“.

Роден 1958 година во Милано, тој спаѓа во редот на најактивните и најбараните кинематографи од страна на италијанските режисери. За тоа пред сè говорат освоените 20 врвни тамошни и светски награди како и дваесеттината номинации. Досега има снимено осумдесеттина филмови од кои десеттина со големиот Силвио Солдини, соработувал и со режисери како Марио Мартоне, Џани Амелио, Феличе Фарина, Микеле Плачидо, Франческа Аркибуги и други, а бележита е и неговата колаборација со еден од најголемите автори на денешницата, Абас Кјаростами, во филмот „Верна копија“ каде главната улога ја толкува Жилиет Бинош.

Бигаци на фестивалот „Браќа Манаки“ е присутен уште од далечната 1997 година, со неговиот прв филм во официјалната програма на 18-тото издание на манифестацијата. Оттогаш делата што тој ги снимал биле во компетиција на пет изданија на ова наше културно случување и понесоа две од наградите во Битола. Третиот пат, како што ќе забележи Лабина Митевска, директорка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, тој ветил дека конечно доаѓа да си ја земе специјалната Златна камера 300.
Ние продолжуваме да им оддаваме почит на големите имиња, на величините, мечтаејќи дека еден ден ќе стигнеме до најдалечните ѕвезди. Наша должност како Фестивал е да им се поклонуваме на овие великани.

„Оваа година Бигаци писмено ни вети дека ќе дојде затоа што мора да подигне две награди – специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес и мора да си ја земе бронзената камера која што ја освои пред неколку години со филмот „Мора да има место“. Така што, Лука Бигаци ќе биде со нас во Битола на 13 септември и ние ќе бидеме среќни и задоволни со една италијанска енергија која што овој човек со себе ја носи и со една сосема различна естетика која со секој нов филм е навистина едно ново уметничко дело кое што тој ни го дава“, вели Митевска.

Инаку, годинашното 35-то јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одвива по мотото „Кон ѕвездите“, а Митевска дополнува дека тоа е одраз на копнежот за високиот растеж на манифестацијата. Вели дека идејата за слоганот дошла од фактот што во изминатите години во Битола продефилирале голем број сјајни имиња од светот на филмот: кинематографи, актери, режисери, сценаристи, така што публиката сама го идентификува фестивалот со ѕвезденото небо на уметноста.

„Ние продолжуваме да им оддаваме почит на големите имиња, на величините, мечтаејќи дека еден ден ќе стигнеме до најдалечните ѕвезди. Наша должност како Фестивал е да им се поклонуваме на овие великани кои на крајот на краиштата ни го прават животот поубав создавајќи ја магијата која што ние ја гледаме во кино салите. Една од првите светлини во ноќта која човештвото, човековото око ја има видено е светлината на ѕвездите. Токму оваа светлина е двигател на човековата имагинација, на човековата фантазија, на човековата креативност“, вели Митевска.

Кон ова уште информацијата дека зад целокупниот визуелен идентитет и на ова издание на Фестивалот стои маркетинг агенцијата Футура 2/2, а во случајов продолжува и петгодишната успешна соработка и партнерство со мобилниот оператор ВИП, кој ја потпишува меѓу другото и исклучително важната и едукативна детска програма на манифестацијата.

„Чест ни е што веќе пет години по ред сме дел од создавањето на трајните вредности, што се впишуваме во историјата на поддржувачите на уметноста и сме дел од „ѕвезденото небо“ на меѓународната филмска сцена. И оваа година, на наше огромно задоволство, продолжуваме со ВИП детската програма и со бројните работилници чиј што обем и квалитет секоја година се зголемува и нуди единствени креативни содржини за најмладите“, ќе рече Никола Љушев, главен извршен директор на мобилниот оператор ВИП.

Конечно, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е организиран од Друштвото на филмските професионалци на Република Македонија, под покровителство на Претседателот на Република Македонија и е поддржан од Министерството за култура, Филмскиот фонд на Македонија и од Општина Битола.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG