Достапни линкови

Проблемите со извозот се решаваат долгорочно


Долгорочното зајакнување на структурните реформи е болен и макотрпен процес кој мора да се направи, за да се зголемува извозот.

Извозниот капацитет на македонската економија е релативно низок и сè додека не се реши тој проблем, не може да очекуваме поголем економски раст и подобар стандард на граѓаните, коментираат упатените по најновиот извештај на Светската банка во кој беше нотирано дека поголемиот извоз е клучен за економскиот раст. Ова, пак, го отвора прашањето на конкурентноста на македонските производи, која според потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов се базира на ниски цени на производите кои земјава успева да ги продаде на странските пазари.
Конкретен пример – наместо наливно вино, флаширано вино, наместо суров зеленчук и градинарски производи, преработени производи, наместо лон текстил, некој пософистициран облик на брендирана конфекција. Тоа е долгорочен процес, меѓутоа ако е нешто тешко и долго трае, сè што треба да направи човек е порано да почне.
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.

„Оваа влада зборува дека извозот расте и тоа е точно, се зголемува извозот, но не се зголемува неговата конкурентност, особено не во квалитативна смисла, бидејќи Македонија и натаму сè повеќе и повеќе извезува евтини производи“, вели тој.

Долгорочното зајакнување на структурните реформи за чија потреба зборува и Светската банка, според Узунов, е болен и макотрпен процес кој мора да се направи, а се однесува на потребата од отворање на повеќе фабрики или, пак, отворените фабрики да го променат своето производство, односно да произведуваат такви продукти кои ќе бидат поскапи, што, пак, ќе значи поголема заработка.

„Конкретен пример – наместо наливно вино, флаширано вино, наместо суров зеленчук и градинарски производи, преработени производи, наместо лон текстил, некој пософистициран облик на брендирана конфекција. Тоа е долгорочен процес, меѓутоа ако е нешто тешко и долго трае, сè што треба да направи човек е порано да почне“, вели Узунов.
Дефинитивно ни е слабост што немаме излез на море. Со тоа автоматски имаме поскап транспорт. Во Грција не може да извезуваме конкретно ние, што работиме производи за краен потрошувач, затоа што не дозволуваат да пишува Произведено во Македонија.
, Савка Димитрова, директорка на фабрика за кондиторски производи.

Македонските стопанственици, пак, велат дека земјава има капацитет да понуди квалитетни производи кои можат да бидат конкурентни на странските пазари. Директорката на наша фабрика за кондиторски производи, Савка Димитрова, вели дека повеќето фабрики кои произведуваат за нашиот пазар имаат и за извоз, но проблемот е тоа што македонската економија е мала. Не се согласува дека цените на македонските продукти се ниски.

„Проблем е што не можеме доволно ниски цени да понудиме за да можеме да правиме уште подобар пласман“, вели Димитрова.

Своите производи фабриката ги извезува на американскиот, австралискиот и европскиот пазар, иако најголемиот извоз е во земјите од поранешна Југославија, вели Димитрова, според која постојат повеќе слабости со кои се соочуваат македонските производители кои сакаат да извезуваат во поголем обем.

„Дефинитивно ни е слабост што немаме излез на море. Со тоа автоматски имаме поскап транспорт. Во Грција не може да извезуваме конкретно ние, што работиме производи за краен потрошувач, затоа што не дозволуваат да пишува Произведено во Македонија“, вели Димитрова.

Во последниот извештај на Светската банка беше истакната потребата од зајакнување на врските меѓу извозниците и домашната економија, како и подобрување на бизнис средината.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG