Достапни линкови

ДЗС - Kризните штабови подготвени за следното невреме


Поплави по силниот дожд и град во Скопје. 25 мај 2014

Поплави по силниот дожд и град во Скопје. 25 мај 2014

Дирекцијата за заштита и спасување вчера формираше оперативен тим од 30 лица вработени во Дирекцијата кои се подготвени да дејствуваат доколку има нови врнежи и поплави. Исто така е подигната мобилната готовност и на вработените во подрачните одделенија за заштита и спасување, припадниците на тимовите и единиците за заштита и спасување и воспоставена е целосна соработка со градоначалниците во целата земја.

Дирекцијата за заштита и спасување располага со 12 илјади вреќи за песок и е подготвена со сите расположливи човечки и материјално-технички ресурси да се вклучи во справување со опасностите и последиците предизвикани од евентуалните поплави, соопштуваат од Дирекцијата.

Во изминатиот период Дирекцијата имаше испратено по еден тим во Србија и во Босна и Херцеговина, кои се ангажирани во справување со поплавите во Обреновац и Брчко.

ДЗС го повлече тимот од Србија, а тимот во Босна и Херцеговина ќе остане таму уште пет дена.


Обилен дожд и невреме вчера попладне го погоди источниот дел на Македонија. Обилен дожд имаше во Велес, Делчево, Кочани и Чешиново Облешево.

Дирекцијата соопшти дека во Велес од врнежите се поплавени улици, имало прекин на електрична енергија, запалени кабли на електрични столбови од гром, паднати дрва по улици и поплавени подрумски простории. Пообилни врнежи од дожд имаше и во Кочани и Чешиново Облешево и притоа се предизвикани излевања на канализацијата. Во Делчево врнежи со град имаше во повисоките предели, но таму нема посериозни штети.

На подрачјето на Градот Скопје врнежите не предизвикаа дополнителни оштетувања.

Нивото на езерата и хидроакумулациите е стабилно и редовно се контролира од страна на надлежните субјекти.
XS
SM
MD
LG