Достапни линкови

Јубилејното издание на Астерфест во знакот на „Старо и ново“


Под мотото „Старо и ново“, од 27 до 31 мај, во Струмица ќе се одржи десеттото јубилејно издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, манифестацијата на која публиката ќе има можност да проследи повеќе наградени документарни и играни остварувања и да им оддаде почест на творци како големиот Борис Геретс и нашата актерска легенда Љупка Џундева.

Струмица, како и во претходниве девет години, и овојпат од 27 до 31 мај, ќе живее филмски. На градот и воопшто на македонската култура, ќе им се случи јубилејното, десетто по ред издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. И на него, овојпат под мотото „Старо и ново“, подготвена е репрезентативна, ексклузивна програма која донесува бројни овенчани дела, а вклучува и ретроспективен блок на поновите македонски кратки филмови.
Сметам дека ова културно случување конечно си го најде своето место, не само во мрежата на фестивали кај нас во Македонија, во регионот, туку и воопшто во светот.

Во програмата „Глобална фикција“, публиката ќе има можност да ги види оскаровецот „Хелиум“ на Данецот Андерс Валтер, англискиот „Девојката што избега (уплашена) од светот“ на Џони Харн, „Гори светот“ на Џастин Океј од Канада, полските „Бирди“ на Ева Кочанска и „Жар“ на Бартош Крухлих, а меѓу седумте кратки филма во кои се третира бегството е и премиерата на нашиот „Добро време за умирање“ на Сенад Абдула.
Борис Геретс.

Борис Геретс.


Во „Ѕвездени документи“ ќе бидат прикажани „Рафаеловиот пат“ на Италијанецот Алесандро Фалко (минатогодишниот победник на фестивалот во Локарно), „Калуш што мислев дека го познавам“ на докажаниот Бернард Дичек од Израел, „Измет врз бедата“ на индискиот автор Вијај Јода, вкупно пет исклучителни визуелни нарации за кои селекторката Гена Теодосиевска ќе забележи дека се всушност „вистински документ за нашиот историски момент на живеење“.
За жал во Струмица немаме стандардна кино-сала. Сето тоа сè уште е по нишаните на соц-реалистичката заднина.

Анимираната програма донесува уште еден оскаровец - „Г. Хублот“ на Лорен Витз од Луксембург и уште неколку остварувања од Велика Британија, Франција, Германија и од Србија, а во рамките на селекцијата „Мивуленд“, филмскиот критичар Влатко Галевски ќе претстави шест наградувани кратки играни филмови од Австрија.

Згора на тоа на манифестацијата ќе биде прикажан и специјално подготвен ретроспективниот блок од македонската продукција составен од остварувања кои завредуваат исклучително внимание како „Намини барем еднаш“ на Косара Митиќ, „409“ на Даријан Пејовски, „Влакна“ на Елеонора Венинова, „Материјал за аудиција“ од Ѓорче Ставрески, „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „Синот“ на Марко Ѓоковиќ, „Мал дисконтинуитет во време-просторот“ што го режираше Гоце Цветановски и „(Не)нормален“ на Струмичанецот Ице Виранов.

Конечно, на богата листа од лауреати која започнува со македонскиот режисер Бранко Гапо и на која се имиња како Карољ Вичек, Лордан Зафрановиќ, Рангел Влчанов, Мигел Ермосо, Боро Драшковиќ, Лаила Пакалнина, неодамна Починатиот Тимоти Џон Бајфор, ќе бидат ставени и Борис Геретс, прославениот документарист и годинешен добитник на признанието АСТЕР за исклучителни дострели во европската и светската филмска уметност и нашата Љупка Џундева, актерката на која и припадна специјалното признание за врвни достигнувања во филмската и драмската уметност, тогаш е повеќе од очебиен растежот на манифестацијата која некако тивко и ненаметливо се издигна во респектабилно културно случување во пошироки рамки.

„Фестивалот во сите овие години имаше една своја линија на подем, имаше биографии кои што графитираа, започнувајќи од Бранко Гапо и сè до последниот Борис Геретс или, пак, Љупка Џундева, кои ќе бидат исто така дел од овенчаните лауреати на АСТЕРФЕСТ и затоа сметам дека ова културно случување конечно си го најде своето место, не само во мрежата на фестивали кај нас во Македонија, во регионот, туку и воопшто во светот“, истакнува Горан Тренчовски, режисерот и првиот човек на Тивериополската филмска алијанса, организаторите на манифестацијата.

Во пресрет на јубилејното издание на АСТЕРФЕСТ, тој дополнува дека сета ним позната методологија на освојување на нови кинематографски пространства во последниве неколку години веќе ја примениле, но дека пред нив на повидок е нов предизвик – Струмица да добие свое арт-кино кое ќе живее во текот целата година и ќе има своја редовна филмска програма.

„За жал во Струмица немаме стандардна кино-сала. Сето тоа сè уште е по нишаните на соц-реалистичката заднина. Тоа се објекти како кино „Балкан“ кои се одамна руинирани, иако ние во последно време ги користевме за прикажување на филмовите од програмата на АСТЕРФЕСТ. Јас тука очекувам поддршка и од државата, значи од Министерството за култура, и од локалната самоуправа – кои се покровители на фестивалот, да ја помогнат акцијата за да можеме во иднина да им понудиме и на сите гледачи и на проследувачите на манифестацијата уште поквалитетни филмски проекции“, вели Тренчовски.

Инаку, АСТЕРФЕСТ е поддржан и од Европската унија, од амбасадите на Австрија и Германија, како и од Македонската агенција за филм.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG