Достапни линкови

Само десет првачиња повеќе од лани во Битола


По подолго време забележан е мал пораст во бројот на ученици, кој во изминатите години бележеше надолен тренд. Лани имаше дури за 50 првачиња помалку отколку во претходната година.

Само за десетина ученици е поголем бројот на првачиња кои ќе се запишат во основните училишта во Битола во споредба со минатата година. Ова се статистички податоци со кои располага Одделението за образование при битолската општина. По подолго време забележан е мал пораст во бројот на ученици, кој во изминатите години бележеше надолен тренд. Лани имаше дури за 50 првачиња помалку отколку во претходната година.
Согласно Законот за основно образование, кое е задолжително, родителите своите деца кои треба оваа година да бидат запишани во прво одделение, тоа треба да го имаат реализирано до крајот на мај.
Снежана Петровска, советник за образование во Битола.

„Според списоците што ги имаме добиено од Министерството за внатрешни работи за првачиња кои треба да се запишат, бројката е 1.100 значи околу десетина повеќе од минатата учебна година. Уписите се во тек и согласно Законот за основно образование, кое е задолжително, родителите своите деца кои треба оваа година да бидат запишани во прво одделение, тоа треба да го имаат реализирано до крајот на мај“, изјави Снежана Петровска, советник за образование.

Годинава по подолго време воведена е реонизација во основните училишта која наметнува децата да се запишуваат во најблиските образовни установи. Во изминатите години, тоа не беше обврзувачко, па остануваше на желбата на родителите да изберат во кое сакаат училиште да го запишат детето, па и во поодалечени, доколку таму не беше исполнет максималниот број на ученици. Тоа, пак, не се случуваше поради намалениот наталитет.

„Учениците треба да се запишат во основното образование согласно одлуката на Советот за реонизација на улиците кон кои основни училишта припаѓаат. Во зависност од тоа каде живеат родителите децата ќе им учат во најблиското училиште“, додава Петровска.

Недостигот на реонизација во изминатите години доведе до етнички чисти паралелки или до училишта во кои преовладуваат деца од една етничка заедница. Таков е примерот со училиштето „Ѓорги Сугарев“ каде во изминатите години имаше осипување на ученици од македонска националност, а се запишуваа претежно Ромчиња. Од 40 првооделенци, дури 23 беа Роми.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG