Достапни линкови

Порошенко се прогласи за победник на изборите


Петро Порошенко прогласи победа, а тоа го покажуваат и првичните резултати од претседателските избори во Укриана. Тој има 54 насто пред неговиот најголем ривал екс премиерката Јулија Тимошенко која освои над 13 проценти и која најави дека ќе го признае поразот.

Милијардерот од чоколадната индустрија Петро Порошенко, изјави дека негова прва мисија како претседател е да ја запре војната и да донесе мир.

„Првите чекори на целиот тим што ќе ги преземе на почетокот на претседателството треба да бидат фокусирани врз завршување на војната, на хаосот, на безаконието, и воспоставување мир во Украина“, изјави Порошенко.
Тој најави дека негова прва посета ќе биде на истокот на Украина каде што проруските бунтовници имаат под контрола неколку градови.

Порошенко додаде дека е подготвен да преговара со опонентите и понуди амнестија за оние што ќе го положат оружјето.
Првите чекори на целиот тим што ќе ги преземе на почетокот на претседателството треба да бидат фокусирани врз завршување на војната, на хаосот, на безаконието, и воспоставување мир во Украина.

Сепак тој прецизира дека нема да разговара со убијци и терористи. Четириесет и осумгодишниот Порошенко исто така изјави дека Киев никогаш нема да го признае референдумот за независност на Крим, додавајќи дека Украина веќе го избра нејзиниот пат, а тоа е европската интеграција.

Соединетите држави веднаш ги поздравија резулатите. Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама се радува на соработката со следниот украински претседател. Исто така се поздравува храброста на Украинците и се оценува дека изборите се уште еден чекор кон единство во земјата.

Претседателот на Комитетот за надворешни односи на Претставничкиот дом републиканецот Ед Ројс изјави дека изборите била јасна победа за украинската демократија и голема пречка за напорите на рускиот претседател Владимир Путин да ја подели земјата.

Инаку, на изборите за градоначалник на Киев, според резултатите, победи Виталиј Кличко, сојузник на Порошенко.

Украинците во голем број излегоа на изборите до кои дојде по три месеци откако претседателот Виктор Јанукович пребега во Русија по големите улични протести во Киев.

Сепак, во сепаратистичкиот регион на Доњецк, изборните кутии беа јавно уништени од проруските активисти. Во соседниот регион на Луганск само во 2 од 12 гласачки места беше спроведено гласањето. Луганск и Доњецк по референдумите на 11 мај, прогласија независност.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG