Достапни линкови

logo-print

Моштите на Свети Кирил првпат изложени во Македонија


На денешнот празник на сесловенските апостоли и просветители, Светите Кирил и Методиј, првпат во Македонија беа изложени моштите на Свети Кирил.Единствените мошти на Свети Кирил во земјава беа изложени во Католичкиот храм во Богданци, кој го носи името на солунските браќа, за време на светата Архиерејска Златоустова литургија, која ја предводеше д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх, а веднаш по неа се одржа Молебен во чест на Светите Кирил и Методиј.
-Ми причинува посебна радост што после 1.150 години Свети Кирил повторно се враќа меѓу нас или во непосредна близина на своето родно место, Солун. Многумина на сите нивоа ќе зборуваат и ќе ја толкуваат улогата на Кирил и Методиј, но свесно ќе премолчуваат дека тие се светци и на Исток и на Запад, и дека силата на нивните дела беше Бог и животот живеен според Евангелието. Никогаш да не пропуштиме, дури и во обичниот говор, да зборуваме за светите браќа. Ние не сме само народ на умните и културно-просветните луѓе туку сме и потомци на светците, рече бискупот Стојанов на денешната хомилија.
Голем број верници присуствуваа на литургијата во Католичкиот храм во Богданци и имаа можност да се поклонат пред моштите на Свети Кирил.
Свети Кирил почива во базиликата „Свети Климент“ во Рим, а ова е еден од ретките сертифицирани примероци од неговите мошти.
XS
SM
MD
LG