Достапни линкови

Концерт на младите гитаристи Цветковски и Кучи


Со избор на дела од класиците Бах, Сеговија, Алберт, Пјацола...овој четврток, на 22 мај, од 19.30 часот, во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе се претстават Марко Цветковски и Вегим Кучи. Ова е втор поголем заеднички концерт на талентираните гитаристи и матуранти пред кои е убава изведувачка иднина.

Марко Цветковски и Вегим Кучи се млади луѓе. Матуранти. Гитаристи и идни големи уметници. Родени 1995 година, едниот во Куманово, а другиот во Скопје, обајцата со инструментот другаруваат од најрана возраст, а животот ги насочил еден кон друг во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.
Сето тоа не само што ја има уште повеќе разбудено љубовта кај нас за инструментот туку, на некој начин, го потврди она што претходно сме го знаеле и не натера да го зграпчиме тоа и со успех да продолжиме напред.


Најнапред тајните на гитарата им ги откривал професорот Дарко Багески, а потем за нивната едукација се грижел неговиот колега Борче Наумовски. Во текот на изминативе четири години Цветковски посетувал семинари и летни школи за гитара кај мајстори како Џевдет Сахатчија, Томас Оферман, Роберто Фабри и многу други, а Кучи, пак, кај Карло Маркионе, Зоран Дукиќ, Зоран Крајишник ... летните академии „ЕСМА“ и „ИССУ“ и така со ред.

Обајцата биле учесници на фестивали како белградскиот Guitar Art Festival, Sarajevo International Guitar Fest, Tremolo, Naissus Gutiar Fest... и добитници се на бројни награди на државните и меѓународни натпревари.
Најпрвин голем предизвик е да настапуваш на интернационалните сцени и да бидеш добар гитарист не само во Македонија или на Балканот, туку во глобални рамки.

„Тие професори сме ги слушале како изведуваат дела пред нас, како говорат и објаснуваат за музиката. И сето тоа не само што ја има уште повеќе разбудено љубовта кај нас за инструментот туку, на некој начин, го потврди она што претходно сме го знаеле и не натера да го зграпчиме тоа и со успех да продолжиме напред“, вели Вегим Кучи.

Марко Цветковски, пак, инструментот го засакал слушајќи го како дете својот вујко познатиот македонски фламенко-гитарист Томислав Нешковски, за да потем во основното музичко училиште комплетно и се предаде на идејата еден ден да стане класичен-гитарист. Вели дека е длабоко свесен за трудот што треба да го вложи за во иднина да стане солист или концерт мајстор.

„Професорот Дарко Багески со неговата германска дисциплина ме наведе на таа свесност дека треба толку многу напор да се вложи, да се вежба најмалку по три-четири часа дневно, за да станеш успешен солист и да свириш со разни оркестри и јас лично немам проблем со тоа. “

Инаку, Вегим и Марко своето заедничко изведувачко патешествие го започнале на часовите по камерна музика кога свиреле дует-гитари. Тоа им се допаднало, а како што се равивало нивното пријателство, тие и покрај тоа што се сменила програмата, продолжиле да си го живеат својот гитаристички сон.

„Ние сме од иста класа. Од исти професори. Сите сме како едно. Целата класа. Со Вегим е преубаво да се соработува бидејќи и тој го има истото она знаење што го имам и јас. Сме посетувале исти семинари, летни школи. Сме слушале за гитарата од исти големи мајстори. И сето тоа го споделуваме додека сме заедно. Навистина е голема чест да свириш со некој како него“, потенцира Марко.

Конечно, пред овие млади луѓе се исправа предизвикот наречен Академија, но тие нималку не се сомневаат во својата желба да ги достигнат изведувачките висини.

„Мојата желба е не само да направам респектабилно име во светот на гитарата, туку и инструментот да го издигнам на едно поголемо рамниште ако не во светски рамки тогаш барем овде на сцените во овој дел на светот“, ќе рече Вегим Кучи, кој знае да дополни дека негова трајна инспирација е мајсторството на славниот Џулијан Бим.

А, Марко Цветковски потенцира дека е голем предизвик да настапуваш на интернационалната сцена, но дека ќе смогне сили да го достигне и тоа ниво.

„Најпрвин голем предизвик е да настапуваш на интернационалните сцени и да бидеш добар гитарист не само во Македонија или на Балканот, туку во глобални рамки. Доколку вака продолжам со вежбање, доколку сè биде како што треба и доколку ме служи здравје, јас мислам дека еден ден ќе биде и тоа“, вели Цветковски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG