Достапни линкови

Полицијата наместо да им помага на новинарите, ја попречува нивната работа, па дури и принудно им одзема и им брише материјали, со што го крши уставно загарантираното право на слободно информирање. Дека никој нема да одговара за насилничкото и незаконско однесување на одредени полицајци кон новинарите, индиректно потврди и портпаролот Иво Котевски, кој изјави дека немало таква пријава. Се поставува и прашањето што сакаше полицијата да сокрие на синоќешните нереди во Ѓорче Петров?

Навреди, расправии и принудно бришење на снимените материјали на новинарите од Радио Слободна Европа, НОВА ТВ и Фокус од страна на полицијата. Со ова се соочиле колегите што вчера известуваа од протестите во скопската населба Ѓорче Петров.
Со многу висок тон и речиси насилно почнаа од нас да бараат да ги избришеме сами снимките. Една од колешките ја турнаа, мене ме влечеа за рака, не навредуваа. Јас одбив да ги избришам снимките, не ја дадов камерата, при што едниот од полицајците насилно ми ја одзема и почна самиот да брише.


Новинарката Сашка Цветковска објаснува дека тие прво ги прашале полицајците дали може да снимаат за што добиле дозвола, но оти до проблемот дошло кога почнале со приведување на дел демонстранти.

„Со многу висок тон и речиси насилно почнаа од нас да бараат да ги избришеме сами снимките. Една од колешките ја турнаа, мене ме влечеа за рака, не навредуваа. Јас одбив да ги избришам снимките, не ја дадов камерата, при што едниот од полицајците насилно ми ја одзема и почна самиот да брише. Поради тоа имавме мала препирка, јас се обидов повторно да си ја вратам камерата, но тоа ништо не смени. Тие ги избришаа матријалите на сите тројца новинари“, вели Цветковска.

Доцна синоќа портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски тврдеше дека немале пријава за таков инцидент.

„Освен тие информации кои не знаеме дали се точни и од каде произлегуваат кои излегоа по некои медиуми до полицијата нема стигнато никаква пријава или претставка за полициското работење на терен“, рече Котевски

Но, според членот на Хелсинишкиот комитет за човекови права, Воислав Стојановски, полицијата не смеела да ги брише снимките на новинарите бидејќи правото на информирање е загарантирано и со Уставот.
Од страна на полицијата преку нивните активности преку нивните активности на одземање на видео и аудио матријали флагрантно е прекршен членот 16.


„Од страна на полицијата преку нивните активности преку нивните активности на одземање на видео и аудио матријали флагрантно е прекршен членот 16 и на ова полицијата воопшто немаше никакво право“, оценува Стојановски.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Тамара Чаусидис вели дека новинарите не се само изложени на забрана за информирање туку и на недоличен третман.

„Полицијата постојано носи некакви внатрешни правници и регулативи што се дизајнирани токму за намалување на правото на пристап до информации. Ова не е првпат новинарите да бидат изложени за забрана за снимање, за фотографирање и регистрирање на настани за кои постои голем јавен интерес“, вели Чаусидис.

Таа додава и дека за овој настан ќе ја информираат и меѓународната федерација на новинари.

Од Здружението на новинари, пак, велат дека побарале писмено објаснување од Министерството за внатрешни работи и дека од таму им одговориле дека нема пријавено таков инцидент.

Инаку и повеќето снимки што синоќа по протестите беа објавени на интернет каналот Јутјуб веќе не се достапни за гледање.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG