Достапни линкови

Европа поделена околу Русија


Новата Европа е поделена околу Русија исто како и старата, а тоа ќе има тешки последици за сите. Ова се наведува во анализата на „Економист“, за неединствениот европски став во врска со тоа како да им се одговори на руските потези во Украина.

Земјите меѓу Балтичкото и Црното Море имаа многу имиња: за време на Втората светската војна тие беа „крвави земји“, во Студената војна беа „заробени земји“, по советската ера беа нарекувани екскомунистички, а сега се познати како „нови членки“ на Европската унија.

Пред војната во Ирак во 2003 година тогашниот американски секретар за одбрана Доналд Рамсфелд ги пофали како проамерикански, за разлика од дел од Старата Европа, како Франција и Германија.Тогашниот француски претседател Жак Ширак ги критикуваше „источните земји“ дека пропуштиле голема шанса да молчат.

Номенклатурата сега повторно ќе треба да се менува, поради Украина. Во нејзиниот одговор на путиновиот реваншизам, рамсфелдовата нова Европа е иста со старата: поделена меѓу северот и југот.
Ако земјите најблиску до Русија, со директно искуство од советскиот режим, не можат да се согласат околу санкциите, тогаш зошто другите да си ги загрозуваат нивните и онака кревки економии?


Полска и трите балтички земји се поостри, верувајќи дека Русија неповратно го смени повоениот поредок. Бугарија и Унгарија, пак, се меѓу оние што се противат на строгите санкции и кои се надеваат дека бизнисот со Русија на некаков начин ќе се врати во нормала.

Ваквиот спектар би можело да биде добредојден знак на нормалност, доколку влогот не е толку голем. Поделбите во источна Европа ги зголемува оние во целата Европската унија. Никој веќе на источните земји не им кажува да молчат, дури и Франција им се додворува.

Но, ако земјите најблиску до Русија, со директно искуство од советскиот режим, не можат да се согласат околу санкциите, тогаш зошто другите да си ги загрозуваат нивните и онака кревки економии?

На десет годишнината од големото проширување на Унијата со осум нови членки, настаните во Украина ги оправдаа надежите дека тоа ќе донесе сигурност и демократија. Економски, Источна Европа е голем успех.

Комбинирањето на западниот капитал со евтина и способна работна сила стана интегрален дел на германската извозна машина. Мерено според купувачката моќ, Прага и Братислава сега се побогати од нивната поранешна царска престолнина Виена.

Една од причините за поделби е трговската и енергетската зависност со Русија. Бугарија за која често се смета дека е руски Тројански коњ во Европската унија скоро целосно е зависна на руски гас. Таа ентузијастички се согласи на гасоводот Јужен тек со кој Русија ја бајпасира Украина во извозот на гас за Европа. Во тоа голем поддржувач е и Австрија.

Европската унија сега дебатира за трета фаза на санкциите спрема Русија што би значело освен индивидулаци да биде погодено и поширокото руско стопанство, што би можело да доведе до постри поделби меѓу членките, но и тешки контрамерки од Москва.

Сепак, можеби Путин е циничен мудар тактичар, но тој нема ниту привлечна идеологија која ќе биде предизвик за либералните демократиии, ниту, пак, ресурси да води долготрајна економска војна.

За некои Европа веќе го има главното оружје против руските закани, а тоа е третиот енергетски пакет, односно инвестирање во внатрешната гасоводна и електрична мрежа.

Други предлагаат енергетска унија, вклучувајќи колективно преговарање со Русија околу цената на гасот, како што веќе е случај со купувањето ураниум.

Исто така, Европа би можела подоследно да ја примени сегашната антикориупциска легислатива спрема руските тајкуни. Ваквите мерки не бараат нови санкции, но ќе му испратат јасна порака на Путин, се заклучува во анализата на „Економист“.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG