Достапни линкови

Премиера на „Последна шанса“ во МНТ


Работена по текст на Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ, оваа среда, на 21 мај, од 21.30 часот, на малата сцена на Македонскиот народен театар, премиерно ќе биде изведена монодрамата „Последна шанса“. Ликот на Геле во ова „псевдо-реално шоу“ го толкува актерката Весна Петрушевска, а режисер на проектот е Синиша Ефтимов.

По две години од соработката во култниот текст на Едвард Олби - „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, актерката Весна Петрушевска и режисерот Синиша Ефтимов ја продолжуваат меѓусебната соработка. Овојпат тие го прифатија предизвикот на малата сцена на својата матична куќа – Македонскиот народен театар да ја постават монодрамата „Последна шанса“.
Овде во Македонија има многу плодна почва на типчиња машки кои што можеш да ги процесираш низ ликот кој што го играш. Преку нив да земеш урнек и да ги играш на сцена, а тоа пак да има порака.


Станува збор за проект базиран на истоименото дело на српската писателка Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ кој е публикуван пред седум години и за кој и натаму се бара карта повеќе во матичната средина. Арно ама, она што е специфично во дадениов случај е што Петрушевска и Ефтимов, во својата поставка, се решиле „неверојатната приказна на една сосема обична индивидуа“ наместо жена како што стои во оригиналниот текст да ја раскаже маж и актерката станува Геле, „јунакот кој се пријавува во локално реално шоу се со цел да си најде сопруга“. Весна Петрушевска.

Весна Петрушевска.



„Овде во Македонија има многу плодна почва на типчиња машки кои што можеш да ги процесираш низ ликот кој што го играш. Преку нив да земеш урнек и да ги играш на сцена, а тоа пак да има порака. Ние се бавевме реално со сите оние пораки кои што навидум се обични и секојдневни, но се исклучително важни во однос на нашето живеење. Ние сите гледаме серии, гледаме реални шоу програми, ние сите колективно затапуваме и не даваме коментар онаму каде што е најпотребно сега. Јас мислам дека театарот треба да го коментира нашето општество. Ова е просто еден коментар каде живееме, со кого живееме и како живееме. Кога се бавите со театар најважна е пораката која и ја пренесувате на публиката. Оти крајната цел е да кажеш нешто со тоа.“
Се работи за една фризерка - „роб на реалните шоу програми“ или за актерка која што се обидува да го прејде Големиот брат одигрувајќи ја улогата на својот живот во невозможност тоа да го стори на една од театарските сцени.

Од друга страна, Синиша Ефтимов, кому ова му е прв обид во овој жанр во кариерата, во пресрет на премиерата ќе запише дека „Последна шанса“ е монодрама која се занимава со ефектот на вештачкиот вирус, кој преку меинстрим медиумите ја инфицира со секоја пора на нашето современие. Тој појаснува дека се работи за псевдо-реално шоу од типот на „Големиот брат“ и дека тоа и неговите безбројни дегенерирани и мутирани нус-појави, полека но сигурно, ја турка големата армија зависници од телевизијата, посебно овде на Балканот и во Македонија, во дееволутивен процес кој неминовно води кон идиократија. Дополнува дека во оригиналниот текст се работи за актерка која всушност се обидува да го „насамари Големиот брат“.

„Во оригиналната изведба на текстот за кој авторката Мојсиловиќ во една пригода ќе забележи дека е пишуван за актерката Сузана Петричевиќ, се работи за една фризерка - „роб на реалните шоу програми“ или за актерка која што се обидува да го прејде Големиот брат одигрувајќи ја улогата на својот живот во невозможност тоа да го стори на една од театарските сцени. Тоа беше многу комплицирано за Весна и за мене, така што моравме да измениме доста од она што го имавме како предлошка.“

Инаку, родена 1959 година, Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ е новинарка и некогашен уредник на магазинот „Интервју“. Соработувала во НИН, Младина, Данас, Политика...автор е на бројни телевизиски емисии на Б-92, а освен со пишување се бави и со сликарство.

Досега има објавено десет романи, книги есеи и повеќе драмски текстови од кои повеќето како „Верица меѓу сливите“. „Солзите се О.К“, „Имитација на животот“ ...биле вистински хит претстави во театрите во соседна Србија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG