Достапни линкови

Големи штети и опасност од заразни болести


Калливите води на реката Сава потопи голем број куќи и патишта во Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска по рекордните дождови на Балканот. Неколку десетици илјади луѓе се евакуирани, а десетици градови и села се целосно отсечени од водата чие ниво се очекува да расте и во наредните денови.

Босанските власти соопштија дека околу милион луѓе, или една четвртина од населението било погодено од обилните дождови и поплавите. Селата се погодени со лизгања на земјиштето, а се стравува и од појава на заразни болести.

„Ова е Армагедон, никако поинаку не се опишува ситуацијата“, изјави еден жител на Крупањ во југозападниот дел на Србија, додавајќи дека куќите буквално биле однесени од свлечишта.

„Водата не се повлекува. Луѓето извлекоа се што можеа. Тие едноставно се изгубија. Водата е над два до четири метри. Најопасно е да не попуштат насипите кај Сава“, вели Петар Сенковиќ од босанскиот град Оџак.

Шефот на босанската дипломатија Златко Лагумџија, пак, вака ги опиша размерите на природната катстрофа.

„Ако ви кажам дека според сегашните податоци над 230 училишта и здравствени установи се неупотребливи, а над 100 илјади куќи и згради се непотребливи, јасно е за колкави штети станува збор.“
Водата не се повлекува. Луѓето извлекоа се што можеа. Тие едноставно се изгубија. Водата е над два до четири метри. Најопасно е да не попуштат насипите кај Сава.

Во Обреновац, на околу 40 километри од Белград, над 8 илјади луѓе се евакуирани, а властите го блокираа градот поради стравувања дека надојдената вода преполна со отпад и угинати животни би можело да биде извор за заразни болести.

„Не е безбедно луѓето да се вратат во домовите, бидејќи повеќето од куќите и зградите се под вода и постои опасност од нивно уривање по повлекувањето на водата“, вели Предраг Мариќ, шеф на српските служби за итни ситуации.

Властите апелираа до граѓаните да штедат електрична енергија откако надојдените води стигнаа околу електричната централа Никола Тесла која произведува околу половина од струјата во Србија.

Централата во близина на Обреновац засега е заштитена од водите на реката Сава со песочни насипи подигнати од илјадници доброволци.

„Ние сериозно и одговорно не можеме да направиме реална проценка, но можам да ви кажам дека таа е стотици милиони евра. Некои ќе кажат милијарди, но не сакам да се преценува, бидејќи тоа би било нефер за нашите партнери во Европската комисија“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ.

Неколку гранични премини меѓу Србија и Босна се затворени поради опасност водата да не предизвика нови лизгања на земјиштето.

Се проценува дека се уште на тоа подрачје има околу 120 илјади неексплодирани мини од војната во деведесетите години. Со покачувањето на температурите расте и ризикот од можни инфекциски заболувања како ентероколитис, тифус и хепатитис.

„Оваа природна катастрофа ќе мине, но ќе ни требаат многу напори за да ја обновиме земјата“, изјави српскиот претседател Томислав Николиќ.

Екипи од Русија, Европската унија, Соединетите држави и соседните земји почнаа да пристигнуваат со хуманитарна помош.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG