Достапни линкови

И натаму опасност од поплавите во Србија и БиХ


Поплави во Обреновац, Србија.
Поплави во Обреновац, Србија.

Илјадници луѓе во чамци и воени камиони ги напуштаат нивните домови во Србија и Босна и Херцеговина по рекордните дождови кои реката Сава ја претворија во смртоносен бран, предизвикувајќи ги најголемите поплави во изминативе сто години. Досега, според официјалните податоци, загинале над 40 луѓе.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стафановиќ денеска нареди итна и целосна евакуација на Обреновац поради нов бран поплави од реката Сава. Претходно беше соопштено дека водата се повлекува од Обреновац и оти почнала дератизација на теренот.
Личи како да се случило и цунами и земјотрес наеднаш. Водата однесе се.
Изјава на спасувач.


Некои градови целосно биле отсечени и спасувачките екипи стравуваат да не откријат пострашни последици.

„Личи како да се случило и цунами и земјотрес наеднаш. Водата однесе се“, вели еден спасувач чија екипа по два дена успеала да влезе во едно село во близина на Крупањ.

„Водата беше два метра висока за неполни два часа. Немавме време ни да ги спакуваме основните работи“, изјави жител на Обреновац, едно од најпогодените места од поплавите, каде што по повлекувањето на водата беа откриени тела на 12 луѓе.


И покрај тоа што дождовите не се толку интензивни и водата полека се повлекува во некои од најпогодените предели во Србија и Босна и Херцеговина, сепак се очекува нивото на реката Сава и натаму да расте.
За жал има проценки дека бројот на загинатите би можело да биде поголем.
Александар Вучиќ, премиер на Србија


Милион жители на Босна и Херцеговина се погодени од најтешките поплави на Балканот во изминатите сто години, изјави босанскиот министер за надворешни работи Златко Лагумџија. Повеќе од сто илјади куќи и други згради се неупотребливи, а околу милион лица немаат чиста вода, рече тој.

Покрај поплавите, дождовите предизвикаа и лизагње на земјиштето што освен штети носи и опасност од мини. Босанската Агенција за деминирање ги предупреди жителите на Добој, Маглај и Олово, места каде што имаше жестоки битки за време на војната во деведесетите години од минатиот век, да бидат претпазливи од мини кои можат да дојдат со поплавите.

Дваесетина од жртвите во Босна се евидентирани во Добој, додека од другата страна на реката Сава, во Србија до неделата биле најдени 16 жртви.

„За жал има проценки дека бројот на загинатите би можело да биде поголем“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ, оценувајќи ја ситуацијата за голема кастарофа.


„Луѓето треба да знаат дека се што ни се случи е на ниво на илјада годишни води, не на стогодишни, туку на илјада годишни води“, рече тој.

Според Вучиќ, најголем проблем и натаму е реката Сава, како и обезбедувањето на електричните централи кај Костолац и Обреновац каде што вреќи со песок засега успеваат да ги задржат надојдените води.

„Сакам пред се да им се заблагодарм на граѓаните на Србија и да им кажам дека се уште не сме ни блиску до крајот, но оти денес имаме повеќе надеж и оти е подобро отколку што беше вчера“, рече српскиот премиер.

Вучиќ се заблагодари и за помошта од целиот свет. За справување со поплавите во Србија и Босна и Херцеговина, хуманитарна помош, техничка опрема и спасувачки екипи испратија Русија, Европската унија, Соединетите Држави, како и соседните Македонија и Црна Гора.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG