Достапни линкови

logo-print

Гошев - Економски раст само кај фамилијата на власт


Клучното прашање не е колкав е растот на економијата, туку како се распоредува. Растот може да биде и 5 отсто, ама ако го собере фамилијата на власт, народот нема да види ништо од тоа, вели долгогодишниот политичар Петар Гошев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Гошев, има ли шанси овој економско-политички систем во наредниот период да обезбеди услови за еден добар живот?

Нема шанси. Овој економско-политички систем којшто го гради оваа власт има изгледи да ја дезинтегрира Република Македонија и да ни произведе тешки брани во блиска или подалечна иднина, затоа што тие градат една орвеловска држава во којашто нели има центар за вистината, таму е вистината, во тој центар, во тоа Министерство за вистина, коешто се наоѓа или во кабинетот на Владата на Република Македонија или во кабинетот на премиерот, а оперативен извршител е оној Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Тој Центар за комуникации, којшто има задача од највисоко ниво, нам ни претставува една утопија која што можеме да ја споредиме со утопијата наречена Шангри-Ла. Има еден британски новелист, Џејмс Хилтон, којшто во 1933 година има напишано роман „Изгубениот хоризонт“. Ова место, идилично управувано од будистички храмови на најдобар можен начин, се наоѓа таму некаде кај Хималаите, таму е сè мед и млеко. Македонија таква сака да се претстави од овој центар. Ниедна институција денес не може, не смее да соопшти точен податок за вистинската состојба во Република Македонија и јавноста едноставно не ја знае вистината за состојбите во земјата. Тие се многу полоши, трендовите се многу полоши. На пример, не е ли злосторничко здружување против народот да ги криеш од народот податоците за вистинскиот долг и потоа народот да ги дознае како во случајот на Грција, како во случајот сега на Србија и на многу држави коишто банкротирале и да не редам милион такви постапки.

Постизборно, владата продолжува да се задолжува со старото темпо, а во меѓувреме девизните резерви се трошат. Како ќе се почувствуваат последиците од ова во наредниот период?

Јас предупредив најсериозно уште кон крајот на 2012 година. Тоа е еден комплетно популистички концепт. Од една страна, тие држат номинално ниски даноци. Се определија за еден лош концепт, рамен данок, којшто драматично ги зголемува економските нееднаквости, којшто овозможува товарот на прибирање на средствата, не да паѓа врз најбогатиот слој на општеството, туку да паѓа врз средниот слој и врз сиромашните, бидејќи тој концепт е таков. Овде продаваат демагогија, имаме ниски даноци, повелете во Македонија, ние се грижиме за стопанството. Од друга страна, ја задолжуваат земјата, но на крајот тоа ќе се преточи во долг или ќе се преточи во зголемување на даноци или ќе се преточи во кратење на социјалните алиментации за сиромашните граѓани на Македонија и можни се тука неколку сценарија ако уште малку продолжи ова темпо. Прво, тие ќе мора да реагираат или некој ќе мора да реагира. Ако тие се на власт ќе се обидат тоа максимално да го одолжуваат. Ако на власт дојде некој друг и мора да реагира како што треба, ќе треба да ги зголеми даноците за да го стесни дефицитот, разликата меѓу она што се прибира од економијата и граѓаните и она што се троши. Друга можност е да мора да се преземат мерки за отпуштање на луѓе од ова безумно ширење на јавната администрација или и тоа и намалување на и онака ниските и бедни плати и намалување на пензиите, прашање со коешто е денеска соочена на пример соседна Србија. Во Србија токму овие мерки се сега главни мерки за дебата во јавноста и главни мерки што ги предлага кабинетот на новиот премиер на Србија.

Меѓутоа во предизборниот период имавме ветувања и трошоци од обратен тип, субвенционирање на вработувањата, бришење на долговите на социјално загрозените лица. Како оваа политика ќе ја чувствуваме во наредниот период?

Тие се во рамки на истиот популистички концепт. Се разбира, провалијата се продлабочува и тоа е движење во истата насока. Од тоа тие не се откажуваат, меѓутоа ако оваа гарнитура уште остане на власт, таа ќе се обиде да ги одложува овие нужни кратења и усогласувања на страната на потрошувачката затоа што дефинитивно економскиот раст нема да може да го покрие ова што тие го прават на страната на потрошувачката. Другите можности за одложување на вистинскиот ден на соочување со вистината е да посегнат по девизните резерви, да ја отворат спиралата на инфлацијата, преку отворање на спиралата на инфлацијата да се обидат да го обезвреднат долгот, особено домашниот долг, бидејќи странците сè повеќе инсистираат на зголемување на домашниот долг во структурата на вкупниот долг, наспроти екстерниот долг. Значи тие може потоа да прибегнат кон тие сценарија ако останат на власт. Тоа на крајот ќе го редуцира БДП-то изразен во странска валута, во евра или во долари. Ќе се види продлабочено сиромаштијата на Република Македонија во рамките на Европа или во рамките на светот и ќе се види дека ние како граѓани имаме многу помалку пари во комуникацијата со светот.

Народната банка предвидува една стапка на економски раст, странските организации предвидуваат друга стапка. Колку е ова реално?

Може Македонија да оствари 3 отсто раст, може да оствари и 4 отсто. Потенцијалниот раст на Македонија не е голем. Со прегреана потрошувачка може да се подигне на 5 проценти или 6 проценти, меѓутоа продуктивниот капацитет на економијата е слаб поради ниското техничко технолошко ниво, вкупната организација итн. Но, тоа е споредно прашање. Централното прашање е каде оди тој раст, дали оди кај шака луѓе, кај еден грст луѓе, дали тој раст го собира 1 процент или 2 проценти од домаќинствата во Македонија или тој раст се разлева кај сите граѓани на Република Македонија. Значи, може и 5 отсто да е, ама ако го собере фамилијата на власт, народот нема да види ништо од тоа. Доказ дека ни се случува тоа покажува гини коефициентот, коефициентот на нееднаквост којшто драматично се рашири во Македонија. Тој е над 0,43-0,44 според податоците на ОН, а според тој индикатор, Македонија од 64-65 место, сега е веќе на 78 место. Ако се точни сите овие резултати за коишто зборува актуелната власт, како е можно Македонија да пропаѓа на скалата на развиеност? Како е можно, ако толку добро ни оди, повеќе од 400 илјади граѓани да се иселат од Република Македонија? Власта соопштува дека се намалила невработеноста. Може да се намалила? Ако во последните 10 години се иселиле 400 илјади работоспособни луѓе и ако 100 илјади луѓе вие сте сместиле во јавниот сектор, на грбот на јавните финансии, може да падне стапката на невработеност. Но со тоа вие не сте го зголемиле економскиот потенцијал на земјата и не сте ги решиле социјалните проблеми, напротив, сте ги продлабочиле.

Постојано, особено во предизборниот период, бевме сведоци на најави за доаѓање и стартување со работа на странски компании. Колку ова ќе ѝ помогне на македонската економија со оглед на тоа што државата и нив ги субвенционира, а имаме евтина работна сила која е незадоволна од платите? Пример за ова се случувањата во Кавадарци и во тамошната странска компанија.

Овој вид на распродажба, на багателизирање на ресурсите на Република Македонија може да се сврстат во злосторничко здружување против народот на Македонија, бидејќи ресурсите на овој народ им ги давате на странците за ништо, бидејќи ништо е да им платите на оние 3-3,5 илјади луѓе во Кавадарци осум илјади денари, па уште и прекувременото да не им го платите, а за возврат да не добиете ништо. Тие да бидат ослободени од плаќање даноци, добивките си ги пренесуваат и вие да се фалите дека сте донеле странска компанија во Република Македонија со тоа што вршите најгруба експлоатација, сте се вратиле на 19-товековен концепт на капитализам. Значи, ова робување на работната сила од страна на тој странски капитал којшто се величи во тој концепт на глобализација во којшто има добитници и губитници, а ние сме губитниците и не водиме сметка како, глобализацијата се разбира има и позитивни страни, како да ги амортизираме негативните ефекти од таа глобализација или како да сме помалку губитници во тој процес на глобализација на којшто ние не можеме да влијаеме поинаку, освен да најдеме начин како на најдобар можен начин да се снајдеме во тоа. Значи, тоа е во рамките на тој ист популистички концепт.

Сега имаме крајно затегнати политички односи после изборите. Како ова ќе влијае врз економијата?

Не може да влијае добро. Ние 23, веќе 24 години секојдневно им праќаме информации на нашите меѓународни економски и политички партнери дека не сме способни да организираме функционална демократија и функционална пазарна економија и постојано лебди прашањето, а ние му додаваме интензитет на тоа прашање, дали оваа држава ќе опстане или нема да опстане. Во такви услови, во таква состојба, ќе дојдат некои странци со претпазливост или со едната нога кај нас, да земат што може да се земе, ништо да не ризикуваат овде и да можат во соодветен момент да најдат некоја друга будалеста држава којашто ќе им понуди безочно остварување на профит како што се случува во Македонија. Реки пари истекоа од Република Македонија со глупавите и хокштаплерски приватизации што ги направија властите во Република Македонија, а ние молиме за кредити и донации коишто се според износот бедни суми во споредба со овие коишто се одлеале од неспособните, неписмени и корумпирани политичари во Република Македонија.

Која е вашата анализа за натамошните случувања на политичката сцена и која е вашата сугестија за излез од оваа ситуација?

Не може лесно да се излезе од ситуацијата во којашто се наоѓаме. Се плашам дека ова мочуриште ќе продолжи да се шири, затоа што имате политички елити коишто немаат ниту образовен, ниту интелектуален, ниту етички капацитет да ги средуваат работите во Македонија и тоа е основната стратегија. Се разбира може да го обвинуваме народот зошто не гледа, зошто не реагира итн. Во многу држави со повисоко ниво, народот исто така задоцнето ќе ја види вистината. Луѓето имаат дневни проблеми, не се сконцентрирани, не се обучени триковите на мангупите навреме да ги согледуваат или да проценуваат што одредена постапка ќе донесе по една, по две или по пет години. Значи, Македонија е во тешка ситуација, имаме политичка нестабилност. Треба да имате културно ниво, треба да имате високо обичајно ниво, треба да имате комплетен капацитет, критична маса на луѓе коишто ќе ги поведат работите напред. Тоа нема да оди лесно, но со вакви структури, со вакви лидери на земјата кризата ќе се продлабочува. Концептот на современата демократија во светот е управување преку дискусија. Што поголема инклузивност на сите делови од општеството, државата им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија, тие се државата, државата не е врхушката што ги добила изборите на разни начини, со манипулации, со гушењето на слободата на изразувањето, со поткупи на еден сиромашен народ којшто секојдневно чека некој доток на средства.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG