Достапни линкови

Изложба на скулпторот Димовски и на сликарот Димовски


Во Ликовниот салон при Музејот на Велес, од 16 до 26 мај, се одржува изложбата на македонските уметници Ангел Димовски Чауш и неговиот син Стефан Димовски. Oва e прво нивно заедничко претставување пред ликовната публика воопшто.

По скоро две децении од последната постановка, познатиот македонски скулптор Ангел Димовски Чауш наново се реши дел од сопственото творештво да и претстави на ликовната публика од крајот од кој потекнува. И, тоа не било како, туку на првата заедничка изложба со својот син – Стефан. Така, во Ликовниот салон на Музејот на Велес, од 16 до 26 мај, можат да се погледнат неговите скулптури, работени во дрво, мермер, бронза и алуминиум, и акварелите на Димовски помладиот.
Првпат изложуваме заедно и морам да признам дека токму поради тоа имав и одредена трема. Се прашував како моите слики ќе бидат рамо до рамо поставени со скулптурите на Ангел Димовски Чауш бидејќи знаеме што значи неговото име во скулптурата кај нас.


Говорејќи за идејата за оваа семејна постановка, Чауш вели дека таа неодминливо се наметнала по неодамнешните засебни претставувања во Скопје – неговата голема ретроспективна изложба во Музеј на град Скопје и онаа што ја потпиша Стефан во истиот простор.
Македонскиот сликар Стефан Димовски.

Македонскиот сликар Стефан Димовски.


„Морам да кажам дека првпат изложуваме заедно и морам да признам дека токму поради тоа имав и одредена трема. Се прашував како моите слики ќе бидат рамо до рамо поставени со скулптурите на Ангел Димовски Чауш бидејќи знаеме што значи неговото име во скулптурата кај нас. А, во однос на заедничкото излагање тоа го гледам само како надополнување на веќе изградената форма која што ја има во скулптурата на женското тело преку доловувањето токму на тоа женско тело во мојот медиум, во акварелот“, ќе забележи Стефан Димовски.
Тоа е голема промена за мене како творец. Во последно време послабо работам на скулптурите, а повеќе сум насочен кон релјефните слики – објекти. Не сум се уште доискажан на тоа поле, така да продолжувам да истражувам во работата на тие слики – објекти.

Роден 1952 година во Крнино, Велес, Ангел Димовски Чауш е современ македонски скуптор , доследен, истраен мајстор на своето дело, на својот креативен израз. За него се вели дека е успешен, инвентивен и целосно посветен на уметноста што ја избрал за своја професионална определба. Во неа ги идентификува своите уметнички пориви, фасцинации и принципи, давајќи засебен изведбен белег, нова димензија, простор и пластичен израз. Македонскиот скулптор Ангел Димовски Чауш.

Македонскиот скулптор Ангел Димовски Чауш.



Скромен и тивок во животот но силен во уметноста, тој е конкуренција самиот на себе. Кога ќе создаде и освои нешто вистинско во својата уметност, со секоја нова провокација и следна фаза на творење се надминува себе си.

Ако го согледаме досегашниот творечки опус на Димовски, ќе забележиме импресивно и разновидно творештво кое се протега во низа од четири децении. Истовремено ќе откриеме дека техниките и медиумите наизменично се менуваат, но секогаш останува основната мотивска преокупација како и засебниот уметнички ракопис.
Од неодамна скулпторот својот интерес го има насочено кон релјефните слики – објекти.

„Тоа е голема промена за мене како творец. Во последно време послабо работам на скулптурите, а повеќе сум насочен кон релјефните слики – објекти. Не сум се уште доискажан на тоа поле, така да продолжувам да истражувам во работата на тие слики – објекти“, вели Чауш, кој е добитник на бројни значајни награди и признанија, член на ДЛУМ од 1984 и на Француското друштво на ликовни уметници од 2002 година.

Од друга страна, роден 1983 година во Скопје, Стефан Димовски, благодарение на долгогодишниот престој на неговите родители на Азурниот брег и во Прованса, Франција, ја имал можноста од тамошните мајстори до перфекција да го проучува акварелот.

Тој во тој период има реализирано повеќе групни изложби на слики и акварели во Сан Рафаел, но исто така своите дела ги изложувал и во повеќе галерии на југот од Франција. Минатата година ја имаше својата прва самостојна изложба во Музеј на град Скопје, а неодамна ја реализира и втората во Ликовниот салон на Тутунска банка во Скопје која што беше од хуманитарен карактер.

Во 2010/11 година, дел од неговите акварели се селектирани во 11-то издание на Интернационалниот Италијански каталог за модерна уметност -MDS CATA­LOGO INTERNAZIONALE D’ARTE MODERNA no. 11-EDI­TRICE D’ARTE CIDA ROMA, а потоа во 2011 година добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12-от саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција.

За него е забележано дека е млад автор, даровит и љубопитен, кој низа години со засебна љубов и непресушна енергија го негува акварелот како посебна ликовна дисциплина која станува негова творечка преокупација. Посветен на своите интересирања и сензибилна имагинација како емотивно и творечко придвижување, тој постојано истражува, пребарува, креира, создавајќи сопствен израз во творештвото.

Од таму нималку не чуди кога Стефан Димовски вели дека во последно време акварелот започнал да го комбинира со други различни медиуми. Истакнува дека се обидува да ги надоврзе на акварелот без притоа да се наруши самата кохезија на акварелот, што значи дека внимава тие да бидат само како негово надополнување.

„Го комбинирам колажот, тушот, акриликот...Сите можни медиуми кои што колоритно и структурно можат да одговорат на одредено побарување во моментот на цртањето на сликата пробувам да ги искористам меѓутоа секако фокусот ми е на акварелот.“

Кон ова само уште информацијата, дека некаде наесен Ангел и Стефан Димовски, заедно со таткото и синон Коџоман, треба да одржат заедничка изложба во Лондон, Велика Британија, но велат дека со оглед на тоа што проектот е во процесот на договарање за таквите планови е сепак прерано да се говори.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG