Достапни линкови

Референдум за „самоопределување“ во Луганск и Доњецк


Референдумите се спроведуваат од страна на бунтовничките движења и не се признаваат како легитимни од страна Киев или од западните земји.

Два региона на украинскиот исток каде што се зборува на руски јазик денеска одржуваат референдум. Гласачките ливчиња во Луганск и Доњецк бараат едноставен одговор од гласачите да кажат дали го поддржуваат „самоуправувањето“.
Ние сме подготвени да седнеме на преговарачка маса. Но, нема да водиме преговори со терористите, чија задача е уништување на земјата.

Референдумите се спроведуваат од страна на бунтовничките движења и не се признаваат како легитимни од страна Киев или на Запад. Гласањето се одржува и покрај повикот од страна на рускиот претседател Владимир Путин тоа да се одложи.

В.д. украински претседател Олександр Турчинов предупреди дека гласањето претставува „чекор во бездната“.

„Ние сме подготвени да седнеме на преговарачка маса. Но, нема да водиме преговори со терористите, чија задача е уништување на земјата“, изјави Турчинов, алудирајќи на вооружените борци лојални на Москва, кои запоседнаа административни згради и полициски станици
Можеби следен чекор би бил уште еден референдум на кој ќе прашаме дали луѓето сакаат да се присоединат кон Русија, сакаат да останат во составот на Украина или сакаат самостојна држава.

Самопрогласените функционери во двата региони во источна Украина тврдат дека е голем одѕивот на гласачите кои учествуваат на изборите. Долги редови на гласачи биле забележани на неколку избирачки места во градот Доњецк, главниот град на еден од двата региони каде што се одржува референдумот.

Сепаратистичките водачи минатиот месец прогласија „народни републики“ во двата региони кои граничат со Русија. Шефот на самопрогласената изборна комисија во „Доњецката Народна Република“, Роман Љагин, изјави дека одѕивот на гласачите е висок, но додаде дека изјаснувањето во Доњецк е за самоопределување, а не за сувереност.

„Можеби следен чекор би бил уште еден референдум на кој ќе прашаме дали луѓето сакаат да се присоединат кон Русија, сакаат да останат во составот на Украина или сакаат самостојна држава“, изјави Љагин.

Про-украинските медиуми, пак, информираат дека целокупната излезност на гласачите во двата региона, каде што населението е околу 6,5 милиони луѓе, е низок.

Инаку минатата ноќ во градот Славјанск, во регионот Доњецк, се слушале „многубројни и силни детонации“. Во Славјанск, кој важи за едно од најсилните упоришта на проруските сепаратисти, се слушале детонации од тешко наоружување што траеле околу еден час, како и истрели од автоматско оружје. Локални жители изјавиле дека синоќа престрелки имало и во предградието на Славјанск, Андреевка, каде и претходно имаше судири меѓу украинските безбедносни сили и припадниците на проруските сепаратистички „сили за самоодбрана“.

Аналитичарите велат дека брзо подготвените референдуми се слични на референдумот во март во Крим со што се отцепи од Украина. Крим беше официјално анектиран од Русија неколку дена подоцна. Рускиот претседател Владимир Путин завчера ги повика организаторите на гласањата да се откажат од нивното одржување, додека Украина, ЕУ и САД уште претходно т.н. референдуми ги прогласија за нелегални и најавија дека нема да ги признаат нивните резултати.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG