Достапни линкови

Схурман - Мирни не значат и слободни избори


Мирен изборен ден не е стандард за европска земја каква што е и Македонија. Македонија е членка на Советот на Европа и како членка на ОБСЕ има преземено обврски да обезбедува основни слободи и права, вклучувајќи го и избирачкото право, вели холандската амбасадорка Мариет Схурман во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Ваша екселенцијо, слушнавме различни толкувања на оценките кои што ги дадоа меѓународните набљудувачи по неодамна одржаните избори во Македонија. Од една страна мирен изборен ден и од друга страна неисполнети критериуми со членството во ОБСЕ. Загрижени ли сте или задоволни по оценките што ги слушнавме?

Мислам дека различните оценки се конзистентни. Нерамноправен терен во предизборната трка, но во основа мирен изборен ден. Можеби треба да се објасни дека имаше различни видови на набљудувачи, а набљудувачите од Парламентарното собрание на ОБСЕ и од Советот на Европа беа тука само за вториот круг од изборите, така што неизбежно нивните оценки се полимитирани од оценките на ОДИХР кои го покриваат целиот период, целиот изборен циклус. Мојата втора напомена би била дека во основа мирен изборен ден не е стандард за европска земја каква што е и Македонија. Македонија е членка на Советот на Европа и како членка на ОБСЕ има преземено обврски да обезбедува основни слободи и права, вклучувајќи го и избирачкото право и извештајот на ОДИХР е многу јасен во кои обврски и меѓународни стандарди Македонија сè уште заостанува и не ги исполнува своите обврски.

Забелешките повеќе се однесуваа на амбиентот околу изборите, односно, неодвоеноста на партијата од државата, независноста на медиумите и сл. На што укажуваат ваквите забелешки?

Извештајот на ОДИХР, како и нивниот претходен извештај, е многу конзистентен околу овие прашања. Недостига рамноправен терен за натпревар, недостига одвојување на партиските активности од државата, а исто така и доверба во избирачкиот список и неефективно одговарање на жалбите кои ги поднесуваа граѓаните. Овие коментари, како што реков, се даваа постојано во претходните извештаи на ОДИХР во последниве неколку години и мислам дека е крајно време тие да бидат потенцирани затоа што довербата во функционирањето на парламентарната демократија базирана на владеење на правото треба да се врати. Мислам дека препораките на ОДИХР треба да се гледаат од таа перспектива, како препораки како да се врати довербата во системот затоа што мислам дека без доверба во системот, без соодветен одговор на жалбите и без доверба од страна на граѓаните дека тие можат целосно да партиципираат и имаат право на глас каде ќе се движи земјата, демократијата не може да функционира и имаме лажна демократија.

Како гледате на поставеноста на опозицијата во целата ситуација и одлуките кои ги донесе по изборите? Знаете, не беше признаена регуларноста на изборите и беа вратени мандатите.


Мислам дека опозицијата треба да му објасни на својот електорат за потезите што ги презема и за последиците од тие потези. Но, генерално мислам дека сите политички партии и нивните лидери имаат заедничка одговорност за зајакнувањето на демократијата во оваа земја и верувам дека нивниот избор се базира на нивните проценки како да ја пресретнат волјата на народот и да се зајакне функционирањето на демократијата во оваа земја.

Какви се според вас перспективите на евроинтегративниот и секако евроатлантскиот процес во еден ваков политички амбиент?

Мислам дека не станува збор само дека европската и НАТО агендата останаа во сенка на изборите, туку целокупната политичка ситуација, особено по 24 декември 2012, се чини дека домашната агенда доминира пред интегративната агенда. Мислам дека е многу важно да се направи напредок во таа агенда затоа што не гледам ниту една друга иднина за Македонија освен европската иднина како целосна членка на ЕУ и мора да се осигураме дека Македонија продолжува со исполнување на минималните барања. Мислам дека тоа е важно и за членството во ЕУ, како и за членството во НАТО. Не можеме да дозволиме Македонија да е под основните критериуми за човековите права и слободи, да гарантира функционирање на институциите кои ги гарантираат човековите права, демократија, владеење на правото, заштита на малцинствата. Тоа се основните обврски и колективна одговорност на сите во оваа држава Македонија да не се спушти под овие критериуми.

Беше порачано неколку пати од страна на меѓународните претставници дека клучните политички актери во земјава треба да се обединат околу стратешките интереси за државата. Очигледно, во последниве месеци стасуваат малку поинаков тип пораки до нас. Што треба да се случи за земјата да се врати на нејзината НАТО и европска перспектива?

Како што реков, мислам дека е важно обединувањето околу основите цели како што е и интегративната агенда на Македонија за нејзина целосна интеграција во ЕУ, да стане членка на ЕУ и НАТО. Тоа е навистина стратешки интерес и интерес кој сите го поддржуваат и мислам дека е крајно време навистина повторно да се воспостави политичкиот дијалог помеѓу сите партии кој го става националниот интерес пред сè, а не ограничениот интерес на одделни политички партии или индивидуи.

Се појавија одредени анализи во јавноста дека украинската криза може да го забрза членството на Македонија во Алијансата. Ја гледате ли Вие Македонија поблиску до НАТО?

Искрено, не гледам таква директна поврзаност со украинската криза. Украинската криза потенцира дека НАТО е сè уште релевантна организација и го потенцира фактот дека политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на НАТО не е „бесплатен подарок“. Кога станува збор за членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, мора да се исполнат основните критериуми и како што реков, мора да постои гаранција дека сите работат заеднички за да обезбедат дека нема земјата да падне под основните критериуми, под основните фундаментални принципи на човекови права и слободи, да се избегне такво сценарио и да се обезбеди напредок на Македонија кон целосна интеграција.

Можат ли да се доведат во врска со ова последните средби кои ги остварува медијаторот Нимиц со претставниците на двете страни во спорот за името? И воопшто, какви се Вашите очекувања од оваа последна рунда разговори?

Ја видов изјавата на Нимиц. Имаше тука две работи. Мислам дека е важно да се искористи моментот во овие разговори за изнаоѓање решение за спорот за името. Можеби постои некаква многу мала можност по изборите во Македонија и во Грција, а пред самитот во Кардиф, да се направи напредок во спорот за името и ова прашање навистина треба да се реши. Мислам дека не е реално да се очекува Македонија да се интегрира во Европа без да ги надмине проблемите со соседите. Тоа трае веќе предолго и тоа ги чини граѓаните на Македонија премногу. Прашањето навистина мора да се реши, колку побрзо, толку подобро. Мислам дека тоа ќе бара храброст, лидерство и од раководството во Македонија и од раководството во Грција за да се искористи таа мала отворена можност од сега до самитот во Кардиф и да се направи напредок.

Повеќе пати во изминативе месеци, имавме можност да чуеме дека меѓународната заедница сега поблиску ќе ги следи случувањата во земјава. Што значи тоа?

Мислам дека постојано се следат случувањата во земјава од блиску, токму поради ЕУ агендата и затоа што ние сакаме да ја видиме Македонија како полноправна членка на ЕУ. Ако го читате извештајот за напредокот во последниве години, многу е јасно околу што е главната загриженост, како што реков, фундаменталните принципи, копенхагенските принципи на функционирање на слободната пазарна економија, доброто функционирање на институциите кои гарантираат демократија и владеење на правото што ги подразбира и независноста на парламентот, на судството и на медиумите. Ова се клучните критериуми што треба да бидат исполнети, а околу нив постои и клучната загриженост. И мислам дека јасно ја покажавме нашата загриженост дека Македонија во овие области се враќа назад. Мислам дека е важно да се каже дека е повеќе од обична перцепција ако ги набљудувате индикаторите што доаѓаат од повеќе медиуми, слободата на медиумите, во последните десет години, Македонија драматично назадува во овие индекси. Тоа е повеќе од само перцепција и мора да сме сигурни дека трендот ќе се смени, а слободата на изразување, слободата на медиумите е обезбедена, затоа што тоа е клучен принцип на демократијата. Дефинитивно се зголемува, и ќе повторам, ако го читате извештајот за напредокот, тој е сè поексплицитен во изразувањето на загриженоста, особено кога станува збор за слободата на медиумите и независноста на судството. Тоа се две критични области за загриженост и се од клучно значење за гарантирање на владеење на правото и на демократијата. Мислам дека спотот објавен од САД по повод меѓународниот ден на слобода на медиумите, имаше многу јасна порака. Време е за промени, за позитивни промени. Беше изразена желбата на луѓето од медиумите што е многу легитимна. Барање, потреба, амбиција, која јас целосно ја споделувам и мислам дека како земја на ЕУ, како меѓународен партнер на Македонија, мојата влада постојано ја поддржува македонската влада во унапредување на овие области и кога станува збор за независноста и професионалноста на медиумите, но и кога станува збор за зајакнување на судството и други владини институции. Тоа се минималните стандарди за секоја земја членка. И ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Мислам дека меѓународната заедница е веќе поприлично инволвирана во сето ова. Мислам дека е од клучно значење, граѓаните на Македонија, оние кои имаат владина одговорност, но исто така и опозицијата, медиумите, судството, приватниот сектор, заедно да работат за подобрување на состојбата и ние ќе пружаме поддршка, но тоа мора да го направат луѓето од Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG