Достапни линкови

Се бара ли навистина решение за името?


За едни спорот за името е единствената пречка за македонските евроинтеграции, за други, влада го користи како изговор за да не ги спроведе реформите.

Петтата препорака без датум за преговори што есента ја доби Македонија, не направи промена на позицијата на која се наоѓа земјава, а тоа е дека вратата за влез во ЕУ не е затворена, но дека истовремено Македонија не е подготвена за тој предизвик. Експертите велат дека ние сè позабавено се движиме во спроведувањето на реформите кои во извештаите постојано и се нотираат на земјава со цел да се покаже посветеност кон европските стандарди и нивно остварување.

Спорот за името веќе стана совршен изговор за непостапување по реформите или неменување на работите и мислам дека тоа веќе на повеќето луѓе им е јасно.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Реформите во судството, борбата против корупцијата, партизацијата на институциите, слободата на медиумите и натаму остануваат болни точки на македонското општество. Според дел од експертите, неуспехот за добивање датум за преговори владата го правда со билатералниот спор со Грција како алиби кое лесно поминува кај граѓаните и им обезбедува политички поени, додека во меѓувреме реформите се спроведуваат со забавено темпо, па во извештаите ни се додаваат и нови забелешки.

„Спорот за името веќе стана совршен изговор за непостапување по реформите или неменување на работите и мислам дека тоа веќе на повеќето луѓе им е јасно. Тој проблем постои дваесетина години, меѓутоа во последните шест интензивно се пласира. Вистина е дека проблемот ѝ е наметнат на Македонија, но исто така вистина е дека власта во Македонија не покажува никаков интерес тој проблем да биде решен, така што дефинитивно тој проблем се користи како совршен изговор за уназадување на работите“, вели Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование.

Сега го имаме проблемот со името со Грција, можеби тоа за нив е клучно, меѓутоа утре кога ќе го решите, ќе се јави друга земја, од типот на Холандија, Германија, која ќе покрене прашање по однос на други проблеми.
Едмонд Адеми, политички аналитичар.

Истиот став го има и политичкиот аналитичар Едмонд Адеми. Иако не ја исклучува важноста на спорот за името кој се наметнува како суштински на нашиот евроинтегративен пат, Адеми смета дека дури и под претпоставка на негово решавање, постојат бројни други прашања во кои земјава сериозно назадува.

​„Сега го имаме проблемот со името со Грција, можеби тоа за нив е клучно, меѓутоа утре кога ќе го решите, ќе се јави друга земја, од типот на Холандија, Германија, која ќе покрене прашање по однос на други проблеми. Власта дефинитивно го користи и го злоупотребува прашањето на името, дека тоа е единствениот проблем, ама гледаме дека секој ден сè повеќе и повеќе, луѓето од Брисел, различни функционери, тврдат дека тоа не е така“, вели Едмонд Адеми.

Проблемот за името може да се злоупотребува и на внатрешно-политички план, со тоа што да се избегнува хармонизирањето на македонскиот правен поредок со оној правен поредок на Европската унија.
Горан Илиќ, универзитетски професор.

​Целата одисеја за интеграција на земјава во Европската унија минува низ неколку фази, а во секоја од нив името е клучниот проблем, објаснува универзитетскиот професор Горан Илиќ. Според неговите истражувања, името останува главна пречка, но недвосмислено додава дека и Македонија пројавува низа слабости во исполнувањето на критериумите за членство во Европската унија.

Евидентно е дека од тој спор последици сносат само државата и граѓаните, но никако владејачките партии, кои имаат идеален изговор за нивното бегство од отворањето на преговорите со ЕУ и последиците кои би уследиле за нив лично.
Арсим Зеколи, политички аналитичар.

„Проблемот за името може да се злоупотребува и на внатрешно-политички план, со тоа што да се избегнува хармонизирањето на македонскиот правен поредок со оној правен поредок на Европската унија, а од друга страна се спроведуваат политики коишто не се во синергија со официјалните политики на Европската унија и на таков начин да се купува на време. Сепак, сметам дека политичката елита не смее да го користи името со цел да имплементира политики коишто не се на линија на европските вредности, кои не се на линија на европските интеграции или на обединувањето на Европа“, вели Илиќ.

Сомнежот дека спорот се злоупотребува како изговор за бегство од спроведување на реформите и од отворање на преговорите со Европската унија е реален, а тој е дело на владејачката коалиција, вели политичкиот аналитичар Арсим Зеколи.

Европската унија во последно време, не можејќи да им наметне решение на Грција и на Македонија за спорот којшто ѝ е наметнат на Македонија од Грција, постојано сега дава и други насоки и други забелешки за тоа што сè треба Македонија да прави и сега тие критериуми и тие барање се сè побројни.
Павле Трајанов, Демократски сојуз.

„Но, не би рекол дека тоа е дело единствено на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на ДУИ со нејзината улога на „помало зло прифатливо за Атина“ наводно. Евидентно е дека од тој спор последици сносат само државата и граѓаните, но никако владејачките партии, кои имаат идеален изговор за нивното бегство од отворањето на преговорите со ЕУ и последиците кои би уследиле за нив лично“, вели Зеколи.

За разлика од горенаведените размислувања на експертската јавност, политичарите од владејачката коалиција имаат спротивставени ставови во однос на ова прашање. Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, уверува дека земјата посветено работи на спроведување на европската агенда, но дека вистинскиот виновник за кочењето на процесот е всушност Европската унија, а не ние.

Клучно за недобивање на датум за преговори е токму името и токму блокадата од една од членките, односно од нашиот јужен сосед, Република Грција.
Малиша Станковиќ, Социјалистичка партија.

„Европската унија во последно време, не можејќи да им наметне решение на Грција и на Македонија за спорот којшто ѝ е наметнат на Македонија од Грција, постојано сега дава и други насоки и други забелешки за тоа што сè треба Македонија да прави и сега тие критериуми и тие барање се сè побројни“, вели Трајанов.

На ова реагира Зеколи, според кого реформите кои ни ги поставуваат се заради самите нас, а не поради други причини.

„Ќе ви дадам една илустрација и покрај застојот на Турција во интегративните процеси, сепак некои од тие реформи беа употребени од самата влада за да се подобрат некои аспекти на живеењето или правата на одредени групи во самата земја. И самиот тој изговор дека ќе ни поставуваат нови предуслови е едноставно манипулација за одвлекување на вниманието од сржта на проблемот, а тоа е дека нам ни се потребни суштински реформи, вистински кои се опипливи за сите граѓани, а не само за една одредена елита која има корист од тоа“, вели Зеколи.

Ние ќе си останеме последни на коловозот, Србија ќе напредува, Црна Гора ќе напредува, владата ќе ја засилува пропагандата за името уште повеќе и тоа ќе биде се до моментот додека граѓаните не сфатат дека оваа е игра што веќе една декада им ја приредува ВМРО-ДПМНЕ.
Лидија Димова, СДСМ.

Дека Македонија напредува, а не стагнира на патот кон Европската унија, смета и Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија. Трендот е позитивен, а повеќето забелешки кои ги имавме во годините зад нас се намалуваат, вели Станковиќ. Социјалистичката партија смета дека името не е никаков изговор, туку реален и клучен проблем за нашата блокада кон Европската унија.

„Според нас, клучно за недобивање на датум за преговори е токму името и токму блокадата од една од членките, односно од нашиот јужен сосед, Република Грција. Сметам дека основата е таа, и во наредниот период јас сметам дека веќе би требало и да добиеме датум за преговори, бидејќи сето она друго што е побарано од страна на Европската унија, нашата држава го исполнила“, вели тој.

За некои работи може да се размисли за компромис, но за некои работи воопшто не треба воопшто да се размислува.
Анкетиран граѓанин.

Од најголемата опозициска партија, пак, тврдат дека спорот за името дефинитивно се злоупотребува од страна на власта, бидејќи тоа ја става во поспокојна позиција кога станува збор за спроведување на обврските што од неа се бараат. Уште од самиот почеток е кристално јасно дека евроинтеграциите не се приоритет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, вели Лидија Димова од СДСМ.

„Зошто не сакаат, па затоа што ако ја погледнете нивната програма, 100-те чекори првично во 2006 година, кога излегоа на избори, ќе забележите дека има мерки коишто се тотално спротивни на ЕУ. На пример технолошките зони, како институт вие може да ги користите за привлекување на странските инвестиции, меѓутоа не смеете да користите државна помош во обемот во кој ги користи нашата влада во рамки на тие технолошко-развојни зони“, изјави Димова.

Она што според Маричиќ загрижува е што последните истражувања покажуваат дека расположението на граѓаните за влез во Унијата опаѓа од 75 на 50 проценти. Граѓаните, вели тој, чувствуваат револт кон евроатланските интеграции, а тоа само докажува дека во ваква атмосфера е тешко да се прават чекори напред кон преговори.

Од граѓаните кои ги прашавме за тоа дали вината за забавениот од кон Европската унија е кај власта или, пак, во спорот за името, добивме различни одговори.

„Можеби односите на владата може да се зголемат во насока на поголемо лобирање, а не во насока на критики има пак потценување. Го поддржувам односот со тоа што си ги кажуваме нашите ставови, нашите мислења, можеби би требало да биде и построго, но не вака, туку таму каде што треба.“

„Треба помалку да зборуваме, повеќе да работиме. Мислам дека земјата ни оди во погрешен правец со оваа политика што ја тера нашиот премиер. Тој треба да лобира и малку со прашањето за името да биде, според мене, попопустлив.“

„За некои работи може да се размисли за компромис, но за некои работи воопшто не треба воопшто да се размислува. Тука е владата, оваа или некоја друга влада, која ја плаќаме и која мора да размислува за тоа, дали е добро или не е добро, и што треба да се направи.“

„Како и секогаш ќе бидеме оптимисти, тоа што сме го заслужиле ќе го добиеме кога-тогаш, никогаш нема да се откажеме од нашите идеи за перспективна Македонија, за обединета Македонија, битно е да ги исполниме сите европски вредности и НАТО стандарди, тоа е многу битно, сега дали сме во семејството или не, мислам дека со пола нога сме веќе внатре и мислам дека ќе биде во ред.“

„Тоа се глобални политики, фактори од надвор, ние многу малку одлучуваме за тоа“, велат анкетираните граѓани.

Експертите велат дека сите области што се посочуваат во извештаите може да послужат како индикатор дека слабее демократијата во Македонија. Експлицитен пример за тоа е состојбата со медиумите. Во последниот индекс за слободата на печатот за 2014 година земјава е рангирана последна од сите земји во регионов, на 123-то место, со што бележи пад за седум места во однос на ланскиот извештај.

Во воведот за земјава, во кој се наведува состојбата со закочените европски интеграции поради спорот за името со Грција, се оценува и дека иако земјава спроведувала реформи што требало да ја доближат до членство во ЕУ, демократското „уредување на излогот“ од последните неколку години не е доволно да ги покрие многубројните прекршувања на слободата на информирање.

Ова очигледно зборува за уназадување, но показатели за ненапредување на Македонија во евроинтеграциите има и во други области кои постојано ни се повторуваат наназад четири години, велат аналитичарите. Незаинтересираноста на властите да ги спроведат реформите до крај, според нив значи само едно нешто, а тоа е дека на власта не и одговара влез на Македонија во европското семејство.

„Досега сигурно не ѝ одговара бидејќи тоа би значело поголема контрола и врз јавните пари и општо врз почитувањето на стандарди во почитување на политиките, тоа значи дека ќе имате некој надворешен референт којшто ќе кажува дали сте на вистинскиот пат или не, а не вие само референтно да кажувате дека сте на вистинскиот пат и секој што ќе се спротивстави да биде прогласен за предавник“, вели Маричиќ.

Влезот во тие организации подразбира почитување на правилата на игра. Во моментот кога ќе станете дел од тоа семејство, мора да играте според правилата, а не да го правите тоа што го сакате, вели Едмонд Адеми.

„Не можете вие да се однесувате со државата како да е ваша сопствена фирма и да правите што сакате и како сакате, да трошите колку сакате и за се што сакате. Оној момент кога ќе влезете во тој систем вие мора да се однесувате во согласност со тој систем, а тој систем е прилично ригорозен“, вели тој.

Кандидатскиот статус што го имаме обезбедува услови на кои мора да се адаптираме, дециден е Зеколи. Последните пораки од Брисел се дека и во дипломатијата има премислувања, а прашањето на името се става во втор план.

„Се дава предимство на владеењето на правото, односите меѓу заедниците, социјалното раслојување и други прашања кои во овој момент се многу поважни за самата Европската унија, отколку за нас, така што кога ќе погледнеме кои се мотивите и начинот на кој се води политиката кај нас, тогаш станува јасно кој се чувствува загрозен од тие преговори, а тоа е самата власт“, вели Зеколи.

Тоа што веќе пет години по ред добиваме позитивен извештај од Европската комисија, експертите го толкуваат како еден вид поттик на владата да се зафати со решавање на спорот со Грција, односно дека Европа ни прогледува низ прсти за забавеноста на реформите што ја има во некои области давајќи ни на тој начин повторно можност посериозно да работиме на решавањето на спорот со Грција.

Дел од нашите соговорници заклучуваат дека владата работи, но дека тоа не е доволно за да добиеме датум за отпочнување преговори. Други, пак, критиките ги толкуваат само како напад на опозицијата, а областите кои се споменуваат како проблематични за нив се проблеми за чие надминување е потребно подолго време. Сепак, повеќето не се надеваат дека Македонија има пријатели кои сакаат да ја видат во друштво со останатите европски земји.

„Тешко дека може да се случи некое чудо и да нè спаси, со оглед дека не се случува ништо со спорот за името, а во другите области работите се влошуваат. Мислам дека на крајот ќе дојдеме до тоа дека тешко може нешто да се смени, барем во ваков контекст“, вели Маричиќ.

„Мислам дека сето тоа што се случува треба да биде аларм и за самата Европска унија и за НАТО и САД, да ја прифатат реалноста за балканското поимање на политиката, дека кооперативноста кај нас се смета за наивност. Позајакнатиот критички тон, отворен и јавен, може да донесе подобри резултати“, вели Зеколи.

„Ние ќе си останеме последни на коловозот, Србија ќе напредува, Црна Гора ќе напредува, владата ќе ја засилува пропагандата за името уште повеќе и тоа ќе биде се до моментот додека граѓаните не сфатат дека оваа е игра што веќе една декада им ја приредува ВМРО-ДПМНЕ“, вели Лидија Димова.

Поради летните одмори, денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 10 мај годинава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG