Достапни линкови

Младите по работа во странство, старите самуваат дома


Многу родители во Прилеп се жалат, бидејќи децата им се принудени да заминат во странство да бараат работа и подобар живот.

Прилепчанката Цветанка Тодороска живее сама со својот сопруг, се издржуваат со неговата пензија, но не се жали поради тоа. Таа тагува затоа што синот и снаата со двете внучиња се иселиле во Австралија, а неодамна и помалиот син одлучил да бара работа во странство.
Децата не ми се тука, работа нема никаква, јас сум стара, долго време не се тука, не ги имам видено, ми е жал, а сама не се издржува во четири ѕида да седиш, сам човек како ќе живееш, староста е тешка.

„Децата не ми се тука, работа нема никаква, јас сум стара, долго време не се тука, не ги имам видено, ми е жал, а сама не се издржува во четири ѕида да седиш, сам човек како ќе живееш, староста е тешка, работа овде нема, што да прават, нема ни работа и децата да му страдаат, вака барем си живеат“, вели Тодороска од Прилеп.

Но, не само Тодороски, многу родители во Прилеп се жалат, бидејќи децата им се принудени да заминат во странство, да бараат работа, подобар живот. Точни податоци колкав е бројот на младите кои се иселуваат нема, но факт е дека нивниот број е голем. Во градот речиси и да нема улица, маало каде младите не заминале да работат на брод, или преку агенции нашле времена работа, но со надеж дека трајно ќе останат во некоја европска или прекуокеанска земја.
Истражувањата покажуваат дека 80 отсто од младите, студентите или средношколците иднината ја гледаат надвор од државата.

„Состојбата со младите е катастрофална, истражувањата покажуваат дека 50 отсто од младите немаат работа, што е во топ 3 земји во Европа по невработеност на млади. Истражувањата покажуваат дека 80 отсто од младите, студентите или средношколците иднината ја гледаат надвор од државата и тоа покажува во каква состојба се наоѓаат младите“, вели Џелал Хоџиќ од граѓанската иницијатива „Осми септември“.

Не само бројот на иселените млади, не се знае ниту точниот број на невработени лица. Со анализа на податоците од интернет страницата на Агенцијата за вработување се добива впечаток дека од април 2005 година, кога биле евидентирани 26.487 невработени лица, до април годинава кога се евидентирани 7.171 невработени, се вработиле преку 19.500 граѓани. Опцијата други лица кои бараат работа покажува 7.355 граѓани, што значи вкупно невработени се 14.526 граѓани. Ова би значело дека во овие 9 години во Прилеп се вработиле околу 12.000 граѓани. Логично е прашањето каде се отворени тие работни места, во кои капацитети. Но, од Агенцијата одговараат дека не се води евиденција на вработени, туку само на пријави за вработување.

Според ова, не нудат надеж податоците од Агенцијата дека лани и првите три месеци од оваа година се поднесени 7.869 пријави за нови вработувања. Од друга страна, се чини и дека овие вработувања се на добро ситуирани, а не на сиромашни граѓани, затоа што бројот на корисници на социјална помош, којшто во февруари изнесува 2.224 не е многу променет ниту во изминатите две години.

„Не е значително пореметен бројот на корисници на социјална парична помош, и тоа на некој начин нè радува, меѓутоа ние би сакале оваа бројка да се намали, со единствена цел граѓаните на општина Прилеп, Долнени и Кривогаштани да имаат друг начин на обезбедување егзистенција“, потенцира Снежана Јованоска, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Во редот на невработените во Прилеп се и 1.207 граѓани со високо образование, 54 магистри и еден доктор на науки.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG