Достапни линкови

logo-print

Дневен печат - турбуленции во СДСМ и преговори за нова влада


Весниците и интернет порталите се полни со претпоставки и анализи на состојбите во врвот на СДСМ. А преговорите за новата влада се втората топ тема во печатените медиуми.

Јавноста си доби ново „локумче“ за заблажување. Весниците и интернет порталите се полни со претпоставки и анализи на состојбите во врвот на СДСМ откако „Црвенковски испали торпедо кон Бихаќка“, како што наслови Утрински, со своето интервју за Дојче Веле, инаку негово прво огласување во јавноста откако пред една година се повлече од првата функција на партијата. Утрински смета дека тој, пред конгресот на СДСМ в недела, зазел страна во внатрепартискиот судир, отворено застанувајќи контра актуелното раководство.
Пребројувања во СДСМ пред конгресот - Познавачите велат дека струјата на лидерот Заев има поголемо влијание на теренот.


Дневник ја објавува реакцијата на Заев дека „Конгресот ќе одлучи кој ќе биде лидер“. Нова Македонија оди со наслов: „Црвенковски се огласи: На СДСМ му треба лидер како Пендаровски!?“, а Вечер го цитира: „Ни јас, ни Заев не сме решение за СДСМ!“ Утрински консултирал познавачи на состојбите во партијата, па оди со наслов: „Пребројувања во СДСМ пред конгресот - Познавачите велат дека струјата на лидерот Заев има поголемо влијание на теренот“.
Иванов е како жежок костен за Ахмети. Признавањето на легитимитетот на претседателот на државата Иванов, партијата на Груевски го испорачала на тимот на Ахмети уште на првата средба на работните тимови.


Преговорите за новата влада се втората топ тема во печатените медиуми: Утрински наведува дека тие се во почетна фаза и дека „интегративците“ сè уште ги немаат на маса ставено барањата кои можат да го закочат процесот. Истиот весник го пренесува мислењето на Ахмети кој предвидува тешки и исцрпувачки разговори со ВМРО-ДПМНЕ. Дневник пишува дека „Иванов е како жежок костен за Ахмети“, според брифер од партијата, признавањето на легитимитетот на претседателот на државата Иванов, партијата на Груевски го испорачала на тимот на Ахмети уште на првата средба на работните тимови.

Сите медиуми информираат и за недоаѓањето на новоизбраните пратеници од СДСМ во ДИК на доделувањето на уверенијата за мандатот. Политиката си го тера своето, исто како и економијата: „Соседите штедат“, пишува Утрински, „Македонија нема потреба - српската Влада ја ограничи употребата на службени возила, кај нас растат пензиите и платите“. Истиот весник информира дека за барокната „шминка“ на Рекор, во Скопје ќе отидат над 3 милиони евра.

Како за крај, дали е смешно или е мошне сериозно: „Ние и Русите 150 милиони!“ го насловува Вечер барањето од некои „македонски патриоти“, како што вели, објавено на Фејсбук, засилено со знамињата со ѕвездата од Вергина, со српското и руското, претседателот Путин да ја приклучи Македонија кон Русија, како што го сторил тоа со Крим!
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG