Достапни линкови

logo-print

Семејството Маневски од кумановско, живее во трошна куќа, со социјална помош, велат дека немаат ни за леб, а згора на тоа може да останат и без покрив на главата.

Во трошна импровизирана туѓа куќа, во само една темна соба, во кумановското село Студена Бара, на десетина километри од градот, живеат четири малолетни девојчиња од две, девет, 12 и 13-годишна возраст, со нивната мајка Славица Маневска (35). Таткото е во притвор осомничен за тешки кражби.
Не можам ниту да ги исхранам, ниту да ги школувам, ниту, пак, нешто што им треба да им купам. Верувајте, многу ми е тешко.


Славица и нејзините деца месечно примаат надоместок за социјална помош во износ од две илјади и 700 денари, со кои не можат да обезбедат ниту брашно, а за други прехранбени продукти не ни помислуваат. Мајката е со нарушено здравје, пари за лекување нема. Нема пари ниту за сируп против кашлање за најмалото двегодишно девојче.

„Не можам ниту да ги исхранам, ниту да ги школувам, ниту, пак, нешто што им треба да им купам. Верувајте, многу ми е тешко“, раскажува Славица и додава дека таа би работела, но поради тоа што самата се грижи за децата и е со нарушено здравје не може да најде работа.
Облека не ми треба, облека ми даваат. Храна ми треба, не можеме да се прехраниме. Струја имаме, немаме со што да ја плаќаме. Шпорет имаме, дрва немаме. Во една соба живееме. Многу ми е тешко.


„Се снаоѓам од тоа што ми даваат луѓето, комшиите. Имам една золва тука и таа многу ми помага. Облека не ми треба, облека ми даваат. Храна ми треба, не можеме да се прехраниме. Струја имаме, немаме со што да ја плаќаме. Шпорет имаме, дрва немаме. Во една соба живееме. Многу ми е тешко“, вели таа.

Славица има стара мајка и брат и сестра кои имаат свои семејства, а свекорот и свекрвата исто така живеат од социјална помош.

„Немаме ниту купатило, во корито се капеме. Во кој век живееме“, се жали таа.

Таткото на семејството порано работел на секакви работи и колку-толку заработувал за скромна живеачка. И покрај тоа што децата живеат во беда и сиромаштија, најстарата Мелани има дипломи за одличен успех, а останатите две се многу добри ученички. Компјутер немаат, иако, како што раскажува Славица, кога им треба нешто за на школо тие по помош одат кај другарчиња во селото.

Таа повторно се навраќа на проблемот со прехранување и вели дека за две вреќички брашно месечно ѝ се потребни илјада денари и додава:

„Дали за брашно, за облека помагаат, ама за храна. Одам кај една комшивка барам вегета, кај друга сол, кај трета нешто друго. Така не се живее. Верувајте не се живее“, се жали таа.

И додека Славица не може да се справи со прехранување на децата, а сопругот, како што вели, може да биде осуден и на затворска казна, чичкото на нејзиниот сопруг Момчило Филиповски поради нарушување на роднинските односи повел судски спор. Тој бара да ја напуштат и таа соба во која живеат, што значи дека лесно може да останат и без тој каков и да е покрив над главата.

„Му дадов како на човек, но сега овие луѓе морам судски да ги избркам. Поради кражби. Судски мора да излезат“, вели тој.

Момчило вели дека сопругот на Славица овозможил група негови пријатели да го ограбат, а поради недоличното однесување на внукот бил принуден да претрпи и полициско пребарување во неговата куќа. Славица, како што вели, една мака не оди сама, а таа не знае која од која е поголема. Најважно и е да ги сочува децата. Со мала социјална помош од две илјади и 700 денари и со годишна еднократна парична помош од три илјади денари, а можеби веќе наредниот ден и без тој покрив над главата, невозможно е.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG