Достапни линкови

Рекордно за јубилејниот атлетски „Скопски маратон“


Организаторите најавуваат учество на околу 6.000 маратонци од 46 земји, меѓу кои ќе бидат и најдобрите во овој спорт - Кенијците

Со рекорден број натпреварувачи, од исто така рекорден број земји, в недела (11 мај) низ улиците на нашиот главен град ќе се одржи јубилејниот, 10-ти атлетски „Скопски маратон“.
Мора да го одбележиме како најзвучно име што ќе го имаме, промоторот на Скопскиот маратон. Тоа е светскиот рекордер во маратон Вилсон Кипсанг, кој минатата година во Берлин, го собори рекордот.
Кире Синадиновски, директор на маратонот.


На пет дена пред спортскиот настан по кој Скопје е препознатливо вон нашите граници, организаторите најавуваат учество на околу 6.000 маратонци (што е за илјада повеќе од ланските 4.900 тркачи) од 46 земји (10 повеќе од минатогодишниот рекорд), меѓу кои ќе бидат и најдобрите во овој спорт - Кенијците. Нивното, но и присуството на годинава за прв пат претставници на Португалија, Бразил и други држави, ветува дека претстојниот ќе биде најмасовен и најквалитетен скопски маратон, чиј постојан раст во светски рамки, се гледа и од фактот што негов годинашен промотор ќе биде актуелниот светски рекордер на трката на 42 километри и 195 метри.


„Мора да го одбележиме како најзвучно име што ќе го имаме, промоторот на Скопскиот маратон. Тоа е светскиот рекордер во маратон Вилсон Кипсанг, кој минатата година во Берлин, го собори рекордот. И со тоа докажуваме дека маратонот од година во година достигнува едно високо рамниште и дека сме се подобри како во организација, така и во масовност“, изјави директорот на маратонот, Кире Синадиновски.
Очекуваме дека ќе биде се во ред и дека ќе имаме поуспешен маратон од минатогодишниот, на тоа и работиме цела година.
Кире Синадиновски.


Тој со задоволство истакнува и дека на главната трка (42.195 метри) ќе се појават околу 300 маратонци, а три пати поголем е бројот на професионалци, но и рекреативци што се пријавени за истрчување на полумаратонските 21 километар. Во рамките на овие две трки Атлетската федерација на Македонија ќе го организира и државното првенство за маратон, а ќе има и детски маратон, како и хуманитарна трка на 5.000 метри. На ваквите натпревари победници се сите оние кои ќе стигнат на целта, но организаторите за најдобрите обезбедија и награден фонд што е за 60% поголем од минатогодишниот.
„Вкупниот награден фонд изнесува 16 илјади евра од кои што за победниците од оваа година воведуваме некои бонуси, така што во зависност од постигнатиот резултат победникот може да освои од 1.700 евра па до 3.800 евра“, додаде Синадиновски.

Во организацијата на маратонот, кој се одржува по повод денот на Европската Унија (9-ти мај), ќе бидат вклучени 400 волонтери, 150 лица во техничката организација, 200 припадници на МВР, како и сите скопски јавни претпријатија. Сите тие имаат обврска, овој вистински спортски бренд на главниот град да го издигнат на уште повисоко ниво, за што според директорот на маратонот, треба да помогнат и граѓаните на Скопје.

„Очекуваме дека ќе биде се во ред и дека ќе имаме поуспешен маратон од минатогодишниот, на тоа и работиме цела година. Се надевам дека и временските услови ќе не послужат идниот викенд, така да, можеби ни фали уште масовноста на публиката. Значи би ги повикал сите граѓани да излезат масовно и да ги поздрават сите натпреварувачи на Виз Ер Скопскиот маратон“, истакна на крајот Кире Синадиновски.
XS
SM
MD
LG