Достапни линкови

Социјално претпријатие и инклузија при работа за лица со попречености


Здружението „Порака Наша“ спроведува проектот за практикантска работа и вработување. Досега 28 лица со интелектуална попреченост се вработени во разни приватни фирми на неопределено време.

Вработените во Здружението за лица со интелектуална попреченост на возраст над 18 години „Порака Наша“ во Куманово извесен период го реализираат проектот за социјално претпријатие и инклузија при работа. Ова е само дел од активностите за оспособување на 21 корисник во Дневниот центар, чиј капацитет за сега е ограничен.
Целта на проектот е преку социјално претпријатие и инклузија преку работа да направиме социјална инклузија на младите луѓе со или без попреченост при што ќе има поголема контрола врз нивниот живот.


Дефектологот Фросина Симоновска и педагогот Дејан Стојановски раскажуваат дека на овој начин настојуваат да го извлечат максимумот од корисниците за нивното работно оспособување, што е и поголема можност за нивното вработување. Овој проект е поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со партнерите Здружението на граѓани „Мак“ од Скопје, Општината и едно приватно претпријатие од Куманово.

Според Симоновска на корисниците во Дневниот центар им било интересно прифаќање на новите активности, развој на технички вештини, работа со филц, конструктивен текстил и изработка на еколошка хартија. Младите социјални претприемачи добиле тренинг обука за полесно снаоѓање на пазарот на трудот.
Тоа се должи пред се на долгиот временски период. Речиси сите се тука седум години, добро се познаваме, така преку реализација на програмата ние откриваме нови моменти. Се стремиме кон нови активности за да им ги подобриме способностите.

„Целта на проектот е преку социјално претпријатие и инклузија преку работа да направиме социјална инклузија на младите луѓе со или без попреченост при што ќе има поголема контрола врз нивниот живот, ќе ги искористиме нивните креативни потенцијали, ќе овозможиме градење на вештини и капацитети во неколку нови области на технологијата, тоа е занает и дизајн. Со тоа ќе направиме младите луѓе да имаат поактивна улога како движечка сила во општеството.“

Педагогот Дејан Стојановски вели дека овие млади луѓе кои поминале низ обуката за креативна работа главно се оспособени, меѓутоа зависно од попречеоноста некои повеќе, некои помалку можат да се вклучат во работата. Значајно е тоа што во Дневниот центар „Порака Наша“ непречено се активираат корисниците. Дека е така, осум часа секој работен ден корисниците, вработените и дел од родителите изминатите седум години создале пријатен амбиент за престој. Во центарот има многу топлина, искрени насмевки, укажувања и радост на постигнатото, но и многу меѓусебна љубов, прегратки.

„Тоа се должи пред се на долгиот временски период. Речиси сите се тука седум години, добро се познаваме, така преку реализација на програмата ние откриваме нови моменти. Се стремиме кон нови активности за да им ги подобриме способностите. Прво беше информирање и мотивирање за работа, сега веќе го имаме како работооспособување“, вели Стојановски.

Тој додава дека капацитетот на центарот е мал, а заинтересирани родители за нивните деца кои не доаѓаат тука, речиси секојдневно се распрашуваат дали има можности повремено, привремено или редовно да ги носат тука.

„Ако на почетокот кога го отворавме центарот имаше стигма. Ние допринесовме со нашето излегување во локалната заедница, преку присуство во медиумите да се предизвика интерес кај многу родители кои имаат такви деца, да сакаат да ги носат тука.“

Здружението „Порака Наша“ преку проектот за практикантска работа и вработување се спроведува веќе две години вели Благица Димитровска.

„До сега имаме добри резултати, бидејќи 28 лица со интелектуална попреченост се вработени во разни приватни фирми на неопределено време.“

„Порака Наша“ ќе сними спот за четири лица со попреченост, кој ќе биде емитуван во медиумите, за да се подигне јавната свест, за да што повеќе работодавачи се нафатат да ги вработуваат овие лица, вели Димитровска.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG