Достапни линкови

„Важно е да се викаш Ернест“ – премиерно во театар Комедија


Како една од трите премиери во третата сезона од постоењето, оваа среда – 7 мај, од 20 часот, на сцената на скопскиот Театар Комедија, ќе осамне претставата „Важно е да се викаш Ернест“ што по текст на ирскиот драмски писател, поет и раскажувач Оскар Вајлд, ја режираше младата Ирена Стеријовска. Станува збор за проект кој на сатиричен начин коментира „одредени општествени девијации“ и кој, во случајов, ја носи пораката дека „љубовта победува“.

Напишана пред повеќе од 100 години, „Важно е да се викаш Ернест“ е малечка драма со големо значење. Пиесата се состои од неколку лика кои водат двоен живот, дами од високото општество и нивните ќерки чија единствена цел е добро да се омажат и од една цела низа на зајадливи и сатирични дијалози.
Нашата мисија е завршена ако барем половина од публиката која што ќе дојде да ја погледне ќе излезе насмеана и ќе каже „па добро денеска животот е убав“.


Во неа генијалниот Ирец Оскар Вајлд на самосвоен, циничен начин успева на публиката да и го сервира отфрлањето на општествените стеги, тривијалноста и несериозниот пристап кон општествените институции кои во Викторијанска Англија биле мерило за вредноста на секоја поединка.

Од таму нималку не чуди кога, во пресрет на премиерната изведба на „Важно е да се викаш Ернест“ во Театар Комедија, режисерката Ирена Стеријовска ќе забележи дека нивната претстава е „реално тривијална, безвременска и беспросторна бајка за сериозни луѓе“. Таа дополнува дека „создале монохроматски свет со строги правила и дека потем едноставно го обоиле“.

„Создаваме приказна во која љубовта победува. Создаваме свет во кој што правилата се направени такви какви што се само за да имаме толку силен принцип кој што ќе ги сруши. Оваа претстава е еден амалгам од се она што јас сметам како моја режисерска естетика треба да се има. Значи ова е една претстава која што носи во себе силен принцип, силен концепт за кој мислам дека треба да се рефлектира во она што треба да биде и примање од публиката. Една „се чувствувам добро пиеса“. Нашата мисија е завршена ако барем половина од публиката која што ќе дојде да ја погледне ќе излезе насмеана и ќе каже „па добро денеска животот е убав“.“
Имаме хит-претстава. Полн погодок. Имаме претстава поразлична од сите шест досегашни.

Ова на Стеријовска и е прва режија во Театар Комедија, а во „Важно е да се викаш Ернест“, првата од трите премиери во третата сезона на оваа национална институција, настапуваат младите актери Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски – Тино, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Зорица Нушева, Нина Деан, Кристина Ласовска и Тања Мицков.

Младоста на ансамблот е дополнета со промовирањето на Стефан Спировски како сценограф и Ана Кркулевска како костимографка, а Јелена Жугиќ – директорката на Театар Комедија ќе забележи дека е благопријатно изненадена од нивната инвенција и од фактот што сите донесуваат една нова, своја естетика.

„Горда сум што сум во можност да профилирам нови костимограф, сценограф, театарски композитор.. Има млади режисери, млади актери. Тоа е она што овој театар го прави различен и посебен во однос на сите останати театри во Македонија. Концептот кој го нуди режисерката на „Важно е да се викаш Ернест“, е нешто навистина впечатливо, нешто навистина лично. Во еден обезличен свет кој режисерката се обидела да го покаже, има толку многу бои, има толку многу присуство во отсуството на живот. Имаме хит-претстава. Полн погодок. Имаме претстава поразлична од сите шест досегашни. “

Жугиќ посочува дека во периодот што следува тие ќе се бават со покласични комедии и дека веќе ги започнале подготовките за следниот проект. Во тек се пробите за Шекспировата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски, претставата со која се планира да биде отворен и летниот фестивал „Гола месечина“, зад кој, како и минатата година, застанаа Општина Аеродром и Министерството за култура.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG