Достапни линкови

logo-print

Соборен хеликоптер, четворица загинати украински војници кај Славјанск


Украинското министерство за одбрана потврди дека бил соборен еден нивен хеликоптер во близина на градот Славјанск во источна Украина, каде што се водат тешки борби против проруските милитанти кои го контролираат градот. Министерството денеска соопшти дека хеликоптерот Ми-24 се урнал откако бил погоден од митралески оган, но оти сите членови на екипажот преживеале.

На 2 мај во близина на Славјанск беа соборени два украински хеликоптери.

Претходно, украинското министерство за внатрешни работи соопшти дека четворица украински војници загинале, а 30 се ранети во околината на Славјанск. Министерството соопштува дека милитантите ги користат цивилите како жив штит и пукаат од куќите, од кои дел се опожарени. Се соопштува и дека има цивилни жртви, но не се прецизира бројка.

Министерот за внатрешни работи Арсен Аваков претходно рече дека владините сили се судираат со околу 800 милитанти, наводно вооружени со тешко вооружување.

Славјанск, град со 140 илјади жители, е еден од низата градови во источна Украина кои се под контрола на проруските бунтовници. Владата во Киев ја обвини Москва дека ги организира немирите во источна и во јужна Украина, но Москва ги негира овие обвинувања.
XS
SM
MD
LG