Достапни линкови

Субвенции за приватните станоиздавачи во Охрид


Градските власти во Охрид ќе ги субвенционираат сите станоиздавачи кои ќе се пријават во општината. За овој проект од буџетот на општината за 2014 година се издвоени 1.800.000 денари.

Со цел да се стимулираат приватните станоиздавачи да се регистрираат за вршење ваква дејност легално, но и да се стимулира редовната наплата на туристичката такса, како и да се помогне развојот на туристичкиот сектор, градските власти во Охрид ќе ги субвенционираат сите станоиздавачи кои ќе се пријават во општината. За овој проект од буџетот на Општина Охрид за 2014 година се издвоени 1.800.000 денари, рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Донесовме одлука да се субвенционира 50 проценти или по 20 денари од уплатениот износ за туристичка такса за привремен престој на домашни и странски туристи во сместувачките капацитети од мал обем.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.


„На една од претходните седници на Град Охрид донесовме одлука со која одвоивме ставка од буџетотот на Општина Охрид чија цел е да се субвенционира 50 проценти или по 20 денари од уплатениот износ за туристичка такса за привремен престој на домашни и странски туристи во сместувачките капацитети од мал обем“, рече Бакрачески.


Во Секторот за туризам и локален економски развој досега се регистрирани околу 2.100 станоиздавачи од мал обем, кои според законските прописи се должни да водат евиденција на домашни и странските туристи и редовно да ја уплаќаат туристичката такса.

Ѓоко Апостолов раководител на Секторот за туризам и локален економски развој вели:
Голем дел од станоиздавачите иако уредно водеа евиденција за домашните и странски туристи, не ги пријавуваа комплетно ноќевањата кои ги остваруваа.
Ѓоко Апостолов, Сектор за туризам и локален економски развој.


„Оваа идеја беше поттикната од минатото од оние непријатни работи кои се случуваа во однос на прикривањата на дел од ноќевањата во приватниот сектор. Знаеме дека голем дел од станоиздавачите иако уредно водеа евиденција за домашните и странски туристи, не ги пријавуваа комплетно ноќевањата кои ги остваруваа, односно прикажуваа помал број на ноќевања, а со тоа и помала наплата на туристичка такса.За да не излеземе со репресивни туку со стимулативни мерки ние се одлучивме на еден ваков чекор“, рече Апостолов.

Субвенционирањето ќе се одвива во два временски периоди од 1 јануари до 31 јуни и од 1 јули до 31 декември. Наплатата на туристичката такса е зголемена за 39 отсто во однос на минатата година откако на приватните станоиздавчи им била најавена мерка субвенционирње. Апостолов најави дека ова лето ќе се зголеми и бројот на туристички инфо центри со цел да им се помогне на гостите полесно да стигнат до потребните информции.Со тоа ќе се влијае и врз намалување на т.н диви чекачи на туристи.

„Самото поставување на информативниот центар во центарот на градот на место кое претставува база на овие диви чекачи, во кое ќе работат лица кои ќе имаат овластување да ги легитимираат и да даваат и санкции на нив, мислам дека на тој начин таа локација на некој начин ќе биде обезбедена“, рече Апостолов.
XS
SM
MD
LG