Достапни линкови

Беговска со „Тишина“ во пресрет на „Контрола“


Теа Беговска, режисерка.

Теа Беговска, режисерка.

Во скопскиот клуб „Њу Орлеанс“ ќе се случи петтата изведба на перформансот „Тишина“ на Теа Беговска. Ова е нејзин втор проект во алтернативен простор, а режисерката веќе го подготвува и новиот насловен како „Контрола“ чие дејство ќе се случува во градски автобус во движење и кој, покрај ангажираноста, ќе понуди и нова театарска естетика.

„Тишина“ се базира на мои вистински муабети со Деан Џолев од последниве две години. Сè она што ќе си го кажевме го запишувавме. Така еден ден ја зедов таа книга и си реков ајде да направам нешто, ова се реални нешта. Овде секој може да се препознае. Така излезе драматургија од која избегав лично, избегав приватно и тргнувајќи од тие разговори создадовме перформанс што се случува на лице место. Идејата беше ако некој седне и го запише тој дијалог тоа да може утре да го нарече книжевно дело.
Публиката цело време е активна во самиот перформанс и многу често добивав коментари дека се чувствуваат како да играат, дека всушност и не се свесни дали гледаат или се дел претставата.


Ова ќе го забележи Теа Беговска во пресрет на петтата изведба на перформансот „Тишина“ во кој настапуваат актерите Иван Калошев и Елизабета Стефановска и за кој на денот на прикажувањето стана вистинска привилегија да се најде слободно место во скопскиот клуб „Њу Орлеанс“ .

„Публиката цело време е активна во самиот перформанс и многу често добивав коментари дека се чувствуваат како да играат, дека всушност и не се свесни дали гледаат или се дел претставата. На крајот секој еден од посетителите добива книга, ја добива токму таа книга „Муабети“, всушност за време на промоцијата на ова книжевното дело и се случува перформансот „Тишина“.“

Режисерката дополнува дека „Тишина“, слично како и првиот нејзин алтернативен театарски перформанс „Три сестри“ ( со кого веќе гостувала во Велес, Гевгелија и во Куманово), ќе може да се прикажува во било кој сличен простор во земјава. Вели дека идејата на нејзините перформанси е дека тие не завршуваат на денот на премиерата туку дека продолжуваат да се создаваат со секоја нова идна изведба.
Дали да се воздржиме од плачење, од смеење. Колку контролата влијае на нас, а колку на другите. Колку знаеме да се снајдеме во еден систем кој не контролира.

„Во секој нов клуб каде што играме има промени, така да на актерите мора да им е интересно бидејќи на секоја нова изведба имагинацијата уште повеќе им се развива, уште повеќе може да импровизираат во простор. И тоа како сум сигурна дека новиот простор дава и нови решенија и нови начини на игра, па така и овој наш нов перформанс. „Тишина“, кој деновиве веќе се случи и во Куманово, може буквално секаде да се одигра и моите актери и покрај било каквите промени се спремни секаде да го донесат во вистинското светло.“

Од друга страна Теа Беговска (која патем со претставата „Слугински“ во штипскиот театар дипломира режија на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА кај професор Дејан Пројковски и потем беше дел од екипата млади творци кои во Драмски театар ја потпишаа „Вртелешка“), во последно време, заспива и се буди со една мисла – да стане реалност нејзиниот трет алтернативен проект „Контрола“. Неговото дејствие е предвидено да се случува во градски автобус и тој треба да донесе малку поинаков театарски израз.

Таа појаснува дека таквата идеја ја имала поодамна, но дека досега не смогнала храброст за такво нешто. За таа цел направила кастинг за да види колку млади актери би сакале да играат во еден таков алтернативен проект и осоколена од реакциите одбрала мешана екипа во која се 19 глумци - главно студенти од ЕСРА и ФДУ и која сега и ја дава комплетната и безрезервна поддршка.

Говорејќи за перформансот вели дека темата ја развиваат општо прашувајќи се колку сите ние знаеме да се исконтролираме во дадени моменти.

„Дали да се воздржиме од плачење, од смеење. Колку контролата влијае на нас, а колку на другите. Колку знаеме да се снајдеме во еден систем кој не контролира. На крајот на краиштата кои се, пак, тие што нас не контролираат и зошто самите не се запрашаат зошто треба да не контролираат.“

Беговска дополнува дека во „Контрола“ ќе игра и професорот Стефан Сидовски и дека самата тема ќе биде разработена низ случките што секојдневно се обистинуваат во еден автобус на ГСП. Вели дека тоа ќе биде едно реално возење, дека актерите ќе се качуваат и излегуваат од автобусот и дека така ќе се обидат да допрат до публиката. Да ја предизвикаат со својата игра.

Но за да проектот биде реализиран нејзе и на екипата на овој несекојдневен театарски перформанс им се неопходни 40.000 денари со кои би се обезбедиле најмалку пет изведби. И, бидејќи станува збор за алтернативен проект со нова театарска естетика, тие наместо да ги мерат праговите на институциите, се решиле на сличен, невообичаен начин да стигнат до целта. Затоа на интернет-страницата www.letsfundit.mk секој заинтересиран може да вложи одредена сума, а за возврат да добие еден вид награда, односно влезница за автобусот во кој ќе се одвива „Контрола“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG