Достапни линкови

Иванов доби уверение од ДИК за втор претседателски мандат


Новозибраниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска од Државаната изборна комисија го доби уверението за нов мандат како шеф на државата. Уверението на Иванов му го врачи членот на ДИК Бедредин Ибраими. Мандатот на новозибраниот претседател, освен Ибраими му го честитаа и членовите Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска.

Претседателот на ДИК Никола Рилковски, иако претходно беше најавено, не му го врачи уверението на Иванов, а неговиот мандат не го честитаа ниту потпретседателот Субхи Јакупи и членот Виолета Дума.

За Иванов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, ова ќе биде втор претседателски мандат. Според конечните резултати на ДИК, на гласањето на вториот круг од претседателските избори што се одржа во неделата на 27 април, Иванов го поддржаа 534.910 избирачи, додека неговиот противкандидат од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски освои 398.077 гласови.

На вториот круг од претседателските избори гласале 967.694 избирачи, односно 54,38 отсто од вкупно 1.779.572 запишани во избирачкиот список.
XS
SM
MD
LG