Достапни линкови

Израел и Палестина си ја префрлуваат вината за неуспех на преговорите


Израел и Палестина си ја префрлуваат вината за неуспехот по вчерашниот ден кој од страна на САД беше поставен како краен рок за постигнување мировен договор.

Израелскиот амбасадор во ОН, Рон Просор, го обвини палестинскиот претседател Махмуд Абас дека ја пропуштил шансата за „танго со Израел“ во корист на „валцер со Хамас“. Неговите забелешки се однесуваат на неодамнешното коалицирање на Абас со конкурентската исламистичка организација Хамас, која Израел и Вашингтон ја сметаат за терористичка организација.

Палестинскиот набљудувач во ОН, Ријад Мансур, пак, го обвини Израел за саботирање на мировниот процес со градење нови доселенички населби. Американската амбасадорка во ОН, Саманта Пауер, изјави дека Вашингтон ќе продолжи да ги поддржува преговорите меѓу двете страни. САД ги иницираа разговорите меѓу Израелците и Палестинците пред девет месеци со цел да се постигне договор до 29 април.
XS
SM
MD
LG