Достапни линкови

Македонија по трет пат ќе го чествува џезот


Со концерти на познати домашни состави и изведувачи, филмски проекции и џејм-сејшни во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Охрид, во Република Македонија по трет пат ќе биде одбележан 30 април - Интернационалниот ден на џезот, манифестацијата која ги промовира свеста за меѓукултурен дијалог и меѓусебното разбирање и чија крајна цел е меѓународната соработка и комуникација.

Кога ќе кажеме џез мислиме на човечкото искуство. Се работи за способност на луѓето да ги земат најлошите ситуации во животот и да ги претворат во нешто креативно и конструктивно. Тоа е нешто што е запишано во секоја клетка на човечкото битие. Мислам дека затоа и луѓето умеат и сакаат навистина да го слушаат. Ја чувствуваат неговата слобода. Она што џезот го носи со себе е исто така за почит. Нуди дијалог. Делење на чувства. Тимска работа. Џезот е нешто што се случува во еден миг и е без предрасуди во своето најдобро светло.
Навистина ми е драго што Скопје и Македонија на голема врата се вклучуваат во светската прослава на Меѓународниот ден на џезот бидејќи нашава земја има долга традиција на џез музика.

Ова, меѓу другото, во својата порака во пресрет на Интернационалниот ден на џезот ќе го запише легендарниот американски музичар Херби Хенкок, Амбасадор на добра волја и интеркултурен дијалог на УНЕСКО и претседател на Институтот „Телониус Монк“.
Светскиот ден на џезот е секако една прекрасна идеја и одлична реализација којашто се случува насекаде на планетава.

Меѓународниот ден на џезот е настан кој секоја година се одбележува на 30 април и чија цел е зближување на заедниците, уметниците, училиштата, историчарите, академиците и џез ентузијастите од целиот свет во заедничко славање на џез музиката, нејзините корени и нејзината иднина. Овој настан промовира подигнување на свеста за потребата од меѓукултурен дијалог и меѓусебно разбирање, а негова цел е да ги зајакне меѓународната соработка и комуникација. Секоја година токму на овој ден, оваа меѓународна уметничка форма промовира мир, дијалог, разноликост, и почитување на човековите права и човековото достоинство, искоренување на дискриминацијата, унапредување на слободата на изразување, поттикнување на родова еднаквост и зајакнување на улогата на младите во донесувањето на социјални промени.

Во Република Македонија со низа концерти, филмски проекции и џејм-сејшни на различни сцени во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Охрид, по трет пат, ќе биде одбележан овој ден, со што земјава ќе влезе во редот на 195-те светски држави во кои низ стотици настани ќе се чествуваат најслободната музичка форма и меѓукултурниот дијалог и разбирање.

„Навистина ми е драго што Скопје и Македонија на голема врата се вклучуваат во светската прослава на Меѓународниот ден на џезот бидејќи нашава земја има долга традиција на џез музика и сè она што оди со џезот како сцена. Се надевам дека ќе продолжиме така и во наредните години и дека овој квантетитет ќе изроди и квалитет“, вели Владимир Мандичевски од „Баги комуникации“, продуцентската куќа која во 2012 година со концерт на плоштад „Македонија“ ја потпиша организацијата на првото вакво одбележување на Интернационалниот ден на џезот во земјава.

Овојпат тие ја подготвија програмата што од 18 часот ќе се одвива во скопскиот Сити-мол и каде е предвидено да настапат КАБАДАЈАС, ОСКАР САЛАС ТРИО, МАРИЈА ЏЕЗ ТРИО, ДУО БОЈКОВСКИ и Марга Сол.

Во Домот на младите во Штип од 21,30 часот ќе музицираат Лена и Бошко и дел од студентите на џез-одделот од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“, во клубот „Порта-џез“ во Битола е планиран перформансот на триото ПОПОВСКИ-ЈОСИФОВСКИ-ФИЛИПОВСКИ со саксофонистот Кирил Кузманов како гостин, прилепските љубители на џезот ќе другаруваат со СЕТСТАТ и диџеј-сетот на Мирко Попов, а во Охрид ќе биде сторен пионерски чекор со настап на неколкумина локални музичари.

Конечно, онака како што и прилега, најорганизираното и најдолго одбележување е предвидено да го стори Скопје џез фестивал со прославата во клубот МКЦ. Овде настаните ќе започнат во 20 часот со проекција на документарниот филм за животот на легендата на џез-пијанизмот Телониус Монк, „Straight, no Chaser” од 1988 година. Филмот вклучува снимки од живи изведби и фотографии од Монк и неговиот бенд, како и интервјуа со пријатели и роднини кои раскажуваат за животот на ексцентричниот генијалец. Потем следува концертот на неколку реномирани македонски џез-музичари и групи како ТОНИ КИТАНОВСКИ ТРИО со американскиот саксофонист Дејв Вилсон како гостин, ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, ЏЕЗОБЕЛ КВИНТЕТ, како и двата бенда составени од студенти и професори на одделот за џез при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип: Ансамблот перкусии и Квартетот на сакасафонистот Гоце Мицанов.

„Светскиот ден на џезот е секако една прекрасна идеја и одлична реализација којашто се случува насекаде на планетава како што знаеме. Тоа што е за нас најважно е што повторно, по трет пат, се случува и во нашава земја и што овојпат има многу повеќе настапи. Централниот го прави Скопскиот џез фестивал, далеку најспремната организација и екипа за овој тип на случувања, и особено ми е драго што најголем дел од учесниците се студенти, дипломци или професори од џез академијата во Штип. Целата оваа прикаска си расте и веќе нема враќање назад и таа сега исклучиво зависи од страста на музичарите. Сега кај нас има и формално високо образование за џез музика што пред некоја година беше научна фантастика и резултатите се повеќе од евидентни – во скоро сите реномирани џез бендови се наоѓа по некој што излегол од таа Академија“, истакнува Тони Китановски.

Кон ова само уште информацијата дека годинава град-домаќин на официјалната прослава на Меѓународниот ден на џезот е Осака во Јапонија, каде ќе се одржи големиот концерт со учество на најголемите светски џез имиња меѓу кои и Херби Хенкок, Вејн Шортер, Кени Герет, Ди Ди Бриџвотер, Токико Ахијоши, Маркус Милер, Џон Скофилд, Есперанца Спалдинг, Грегори Портер и многу други меѓународно афирмирани артисти. Овој настан ќе биде пренесуван директно на официјалната интернет страница www.jazzday.com и на каналот youtube.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG