Достапни линкови

Конференција на Атлантскиот совет во Вашингтон


Министерот за надворешни работи на РМ Никола Попоски денеска во Вашингтон ќе учествува на конференцијата на Атлантскиот совет, насловена „Кон обединета и слободна Европа“, на која ќе се обратат и потпретседателот на САД Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери, како и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо. Попоски ќе зборува на панелот посветен на југот на Европа, заедно со министрите за надворешни работи на Бугарија, Црна Гора и Албанија, како и Иан Бжежински од Атлантскиот совет.
Целта на големиот собир во Вашингтон е да се истакнат историските придобивки од досегашните проширувања на НАТО и на Европската унија, и да се промовира идното проширување. На дводневната конференција, која ќе биде проследена со серија билатерални средби, ќе учествуваат и водечките американски сенатори и конгресмени како Џон Мекејн, Боб Коркер и Кристофер Марфи, поранешни функционери како Збигњев Бжежински, Медлин Олбрајт, Николас Барнс и Стивен Хедли, како и министри за надворешни работи и одбрана од Полска, Романија, Холандија, балтичките држави и земјите кандидатки како Грузија и Молдавија.
За време на посетата на Вашингтон, се очекува министерот Попоски да има средби со претставници на Стејт департментот, американски конгресмени, како и со македонската дијаспора во САД.
XS
SM
MD
LG