Достапни линкови

МВР - најмирни избори досега


Денешниот изборен ден мина без инциденти и е еден од најмирните избори во досегашната историја на повеќепартиски избори на Македонија без какви било инциденти, изјави вечерва на прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Македонија денеска гласаше достоинствено и демократски, согласно највисоките европски стандарди и како Министерство за внатрешни работи со задоволство можеме да информираме дека изборниот ден помина без никакви посериозни инциденти. И од безбедносен аспект гледано беше еден од најмирните изборни денови во историјата на Република Македонија“, изјави Јанкулоска.

Според неа, фактот што првпат во историјата на одржување повеќепартиски избори немаше прекин на гласање на ниту едно избирачко место, покажува дека демократска зрелост на граѓаните е на исклучително високо ниво и компаративно гледано вакви избори ретко може да се најдат и во земјите од регионот.

Единствениот случај поврзан со изборниот процес, посочи таа, бил регистриран на избирачко место во Велешта, кој полицијата го рачистила, го документирала и ќе следи соодветна пријава.
XS
SM
MD
LG