Достапни линкови

Со штаки и бастуни на гласање


50-годишниот Томислав Бошевски на гласање во Битола.

50-годишниот Томислав Бошевски на гласање во Битола.

Ни влошената здравствена состојба не го попречи 50-годишниот битолченец Томислав Бошевски да излезе на гласање. Со скршеница на десната нога и патерици тој денес се искачи до вториот кат на основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола и гласаше. Да дојде до местото му помогнаа некои од соседите.

„Досега не сум пропуштил ни едни избори и желба ми беше да си го дадам гласот. Имам скршеница на ногата доаѓам од улица Дебарарка, на околу двесте метри од избирачкото место. Работам во РЕК „Битола“ и по изборите очекувам да има вработување за младите“, изјави Бошевски.

Најголема желба на битолчаните кои ги анкетиравме е по изборите идната власт да обезбеди повеќе работни места за младите.

Сличен на случајот со Бошевски затекнавме во општина Новаци. 80-годишната Петра Митревска со проблеми во движењето, потпирајќи се на бастун и со припомош на внукот излезе да гласа.

„Нога ме боли, тешко одам. Моите деца се иселени во Австралија и Америка. Одвај одам, но на гласање мора да се излези. Почина снаа ми пред три-четири дена, но пак го викнав внук ми да ме донеси да гласам зашто не можам сама. На изборите се одлучува кој ќе биде татко на државата и кои политичари ќе ја водат, а тоа е важно за нашата иднина“, рече Митревска.
XS
SM
MD
LG