Достапни линкови

Македонија избира претседател и парламент


Во Република Македонија денеска се одржува вториот круг од петтите претседателски избори и осмите парламентарни избори.
На 3.480 избирачки места во земјата право на глас имаат околу милион и 780 илјади избирачи. Гласачките места беа отворени во 7:00, а ќе бидат затворени во 19:00 часот.
На претседателските избори граѓаните ќе можат да избираат меѓу двајцата кандидати кои на првиот круг освоија најмногу гласови, а за претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови, под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

За парламентарните избори, кои се трети по ред предвремени, се поднесени 14 листи со кандидати за 123 места во Парламентот. Листи поднесоа пет коалиции и девет политички партии.
Пратениците се избираат според пропорционалниот модел во Македонија, а според мнозинскиот во дијаспората. Територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици и во секоја се избираат по 20 пратеници, а тројца пратеници се избираат во дијаспората - по еден пратеник од трите изборни единици: Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија.
XS
SM
MD
LG