Достапни линкови

Денеска гласа дијаспората, болните и немоќните



Во пресрет на утрешниoт втор круг од претседателските избори и предвремените парламентарни избори во Република Македонија денеска е изборен молк. Денеска гласаат македонските државјани во дијаспората, болните и немоќните, затворениците, лицата во домашен притвор.
За претседателските избори треба да гласаат 8.332 гласачи на 34 избирачки места во ИЕ 7 (Европа и Африка), ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка) и ИЕ 9 (Азија и Австралија). Во Седмата изборната единица на гласање за претседател треба да излезат 5.892 избирачи, во ИЕ 8 – 1.426 и во ИЕ 9 – 1.014. Во Избирачкиот список за гласање на претседателските избори се запишани и 39 внатрешно раселени лица, 1.706 лица на издржување казна затвор или притвор, а дома ќе гласаат и болните и немоќните, како и лицата во домашен притвор кои се пријавиле да гласаат.
На утрешниот втор круг од претседателски избори право на глас имаат 1.779.572 избирачи. За претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
Во 36 дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија за гласање на предвремените парламентарни избори се пријавиле 23.782 македонски државјани кои работат или престојуваат во странство.
Според прегледот на ДИК, најмногу пријави за гласање има во ИЕ 7 што ги опфаќа Европа и Африка – 18.911. Во ИЕ 8 треба да гласаат 3.337 македонски државјани. Оваа изборна единица ги опфаќа Северна и Јужна Америка. Во Деветтата изборна единица пријавени за гласање се 1.534 македонски државјани.
XS
SM
MD
LG