Достапни линкови

Владиката Петар бара црковното да се стави пред паганското наследство


Преспанско-пелагонискиот владика господин Петар упати апел до власта повеќе да се грижи за духовното наследство на православната црква, отколку за паганското.

Повеќе да се грижиме за црковното наследство, отколку за паганското, порача деновиве преспанско-пелагонискиот владика Петар. Ако тоа исчезне, никогаш нема да го повратиме, рече тој, осврнувајќи се на оштетените фрески од временски и други непогоди во некои од црквите и на зачестените кражби на икони во храмовите во западна Македонија. Тој јавно побара поголема поддршка од државата за спас на ова непроценливо национално богатство.
Овој апел нека стигне и до врвот на нашата држава дека повеќе треба да се грижиме за духовното црковно наследство на православната црква, отколку за паганското.
господин Петар, митрополит на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ.

„Грижата за нашето црковно наследство денес е многу мала во споредба со она што го правиме за другите духовни наследства или цивилизации на овие простори. Па дури и да речеме, повеќе за паганското наследство се грижиме отколку за нашето христијанско, православно. Овој апел нека стигне и до врвот на нашата држава дека повеќе треба да се грижиме за духовното црковно наследство на православната црква, отколку за паганското. И за него се застапуваме да биде заштитено, но приоритет да има ова“, порача владиката.

На мета на крадците претежно се цркви и манастири во напуштени села или со мал број на жители. Во последните неколку месеци од битолскиот регион беа украдени 40 икони од црквата во Гопеш и 18 од црквата во Бабино. Крадци влегоа и во црквите во Братиндол, Смолево, Сребрена Вода и Секирани, одземајќи икони и пари. За да се соберат вредните икони на едно место и да се заштитат, епархијата ја отстапи старата општинска зграда во неа да се направи музеј на икони.

„Останува сега на добрата желба на Министерството за култура, на чело со идната Влада и на побогатите бизнисмени во Македонија кои треба да се заложат да вложат за она што е наше наследство непроценливо. Ја даваме таа зграда, но не можеме тие средства што се потребни за да се опреми црковниот музеј сами да ги обезбедиме. Ние пак ќе вложиме, но не сами цело зашто истовремено го градиме најголемиот храм во МПЦ, Соборниот храм на сите македонски светители“, рече владиката.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG