Достапни линкови

Жените директорки на градинки, мажите водат бизнис


Илустрација.
Илустрација.

Една четвртина од менаџерите во САД се жени. Во Европа, тој број е помал и е околу 16 отсто. Во Македонија, пак, само 12 проценти од менаџерите се жени, но тие се најчесто директорки на градинки, училишта и здравствени установи.

Најмоќната деловна жена во светот е 52-годишната директорка на „General Motors“, Мери Бара, која е раководи со 200 илјади работници на шест континенти. Во списокот на 50 најмоќни жени за годинава на магазинот „Fortune“ е и 60-годишната Бразилка Марија дас Грацас Солва Фостер која директорува со енергетската мултинационална компанија „Petrobpas“. Најмлада меѓу највлијателните дами во светот е 37-годишната директорка на „Yahoo“, Мариса Мајер.
Ние имаме околу 30 отсто на женско претприемништво, меѓутоа половина од тие ги водат нивните сопрузи или дел од нивната фамилија или поблиско опкружување, така што ни таму тие не се менаџери на своите компании.
Валентина Дисоска, претседателка на Здружението за бизнис жени.

Во САД, жените се 24,2 проценти од шефовите на сите компании. Во Европа просекот е помал, само 16 проценти од високите менаџерски позиции им припаѓаат на жените. Според истражувањето на Европската комисија за лидерските позиции на мажите и жените на пазарот на трудот, во Финска и Летонија просекот изнесува 29 проценти, а во Франција 26,8 отсто. Според последните податоци, само 12 проценти од македонските менаџери се жени. Тие се најчесто директорки на градинки, училишта и здравствени установи.

Претседателката на Здружението за бизнис жени Валентина Дисоска вели дека според стереотипите кои владеат во земјава, жените најчесто се определуваат за работа во секторите образование и здравство, а во приватниот сектор ги нема доволно, затоа што процентот на жени претприемачи е многу мал.
Жените многу поквалитетно пристапуваат кон бизнисот во однос на легалното водење бизнис, во однос на сигурното донесување на одлуки.
Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.

„Ние имаме околу 30 отсто на женско претприемништво, меѓутоа половина од тие ги водат нивните сопрузи или дел од нивната фамилија или поблиско опкружување, така што ни таму тие не се менаџери на своите компании. Од друга страна, во другите компании жените едноставно немаат кураж би рекла, за да стигнат на некоја повисока позиција“, вели Дисоска.

Таа додава дека има значителна разлика во износот на платите на жените со тие на мажите, особено кај менаџерските позиции.

„И при вработување се среќаваме, сега веќе не толку многу често, со проблеми како што се барање ЦВ со слика, кандидатките се прашуваат дали се мажени или не, дали ќе останат бремени итн., а од друга страна, пак, жената не знае да се избори за својата плата“, вели Дисоска.

Жените помалку ризикуваат и затоа нивните бизниси побавно се развиваат, но се поодржливи, сметаат бизнисмените.

„Жените многу поквалитетно пристапуваат кон бизнисот во однос на легалното водење бизнис, во однос на сигурното донесување на одлуки, во однос на борбата против корупцијата, заштитата и почитување на човековите права и генерално сигурното корпоративно управување со компаниите“, вели претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.

Во Европа еден од начините за овој процес да се забрза е воведувањето на квоти, кои ќе обезбедат загарантирано ниво на жени. Норвешка во 2006 година прва воведе задолжителна квота од 40 отсто на жени на раководни позиции, а после неа Ирска, Холандија, Франција. За овој потег размислуваат и САД, Канада и Австрија.
Во приватниот сектор нема жени
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG