Достапни линкови

Критична состојбата со поплавите во Романија и во Србија


Состојбата со поплавите што изминатиов викенд зафатија делови на Романија и Србија и натаму е критична. Романското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека во поплавите животите ги загубиле три лица, меѓу кои едно 13-годишно момче. Како што јави ДПА, од поплавите најпогодени се јужните делови на Романија, каде по неколкудневните поројни дождови се излеаја повеќе реки. Романската служба за справување со вонредни состојби продолжува со поставување дополнителни вреќи со песок на речните брегови, поради најавите за нови врнежи во следните денови.

Во Србија и натаму е во сила вонредната состојба во 11 општини во кои има поплави. Најкритична е состојбата во општините Лучани и Алексинац во централна Србија и во селата околу планината Овчар во западниот дел на земјата. Поради поплавите, од нивните домови се евакуирани стотици лица, а не се исклучени и нови евакуации во следните денови, бидејќи се очекува покачување на нивоата на водата во реките и постои опасност од нови поплави.
XS
SM
MD
LG