Достапни линкови

logo-print

Заев - Мора да има правен епилог за аферата за Груевски


Одговорност мора да има, правен епилог мора да има и за оние материјали кои порано ги објавувавме, а институциите велат дека работат на тоа, а очекуваат најверојатно граѓаните да заборават на тоа, но ние нема да заборавиме, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Заев, обелоденивте податоци и снимки, зад кои, според вас, стои голем корупциски скандал во кој е инволвиран премиерот Груевски, а кој ВМРО-ДПМНЕ остро го демантираше и рече дека е класична монтажа. Каков епилог очекувате од целиот овој случај?

Јас очекувам, како и во секоја друга земја, да има одговорност. Ова е мојата Македонија, нашата Македонија и не смееме да ја изгубиме надежта дека одговорност треба да се понесе. Целта на обелоденувањето на ова е да докажеме пред целата јавност за што всушност се работи во оваа наша заедничка Македонија и колку е тоа наша одговорност како граѓани, знаејќи го целото ова при носењето на одлуката за иднината на Македонија. Опозицијата е должна да објавува соучесништво и на лицата кои доставуваат материјали до нас, и го доставија овој материјал, а и на нас ако тоа не го обелодениме, ние сме должни да го обелодениме. Рефлексијата, очекувам конечно промена на власт во Република Македонија.

Очекувате ли случајот да има правен епилог, поточно речено да биде истражен и проверен од страна на надлежните органи?

Правен епилог се разбира, законот и Уставот е јасен, одговорност мора да има, правен епилог мора да има и за оние материјали кои порано ги објавувавме, а институциите велат дека работат на тоа, а очекуваат најверојатно граѓаните да заборават на тоа, но ние нема да заборавиме. Опозицијата има задача тоа да го обелоденува постојано и да прави притисок врз институциите да го процесуираат до крај, а за ова каде што е инволвиран врвот на власта, премиерот лично, апсолутно нема дилеми дека тоа мора да биде истуркано до самиот крај.

Како дојдовте вие до овие податоци и материјали?

Се одважија и охрабрија многу граѓани да доставуваат многу материјали. Еден од тие граѓани го достави и ова, најверојатно не можејќи повеќе да живее знаејќи дека постојат вакви работи. Најверојатно чувството на граѓаните се покренува насекаде, јас очекувам уште многу материјали да доаѓаат од минатото, посебно ако се промени власта секако ќе доаѓаат, јас можам само да им се заблагодарам на оние граѓани, вистински патриоти, кои се одважиле и доставуваат вистински материјали тука.

Станува збор за член на ВМРО-ДПМНЕ?

Деталите не е чесно да ги откривам. Само ги охрабрувам сите да продолжат со тоа, ако знаат дека се уништува оваа наша земја да продолжат да доставуваат материјали. Ние ниту калкулираме со нив, ниту се пазариме, ниту имаме било какви предрасуди.

Дали ги имавме материјалите и пред првиот круг на претседателски избори? Ако ги имавте зошто не ги објавивте?

Поради тоа што СДСМ постојано пред оваа македонска јавност покажуваше дека треба да се даде шанса за отрезнување на оваа владејачка гарнитура, поради тоа учествувавме во донесување на нов Изборен законик, за да ја видиме праксата на дело, која во првиот круг е само најава на конечните одлуки на 27 април, покажа дека нема ништо во пракса. Дадовме шанса токму во тој дух работите да одат позитивно, да не ги обесхрабруваме сите, па дури и власта, за да посегне по системски контроли кои се случија во првиот круг. Веќе видовме дека тоа е невозможно. Опиеноста од власта, забеганоста до крај, најверојатно оваа криминална мрежа поинаку и не може, освен да ги воспостави контролите за да се додржи и одржи. Дефинитивно одлучивме, нема никакви калкулации, објавуваме сè до крај.

Но вие сте ги имале материјалите, колку време ги имавте?


Непосредно пред самиот прв изборен круг.

Очекувате ли пресврт во вториот дел од кампањата пред парламентарните избори и вториот круг од претседателските врз основа на вака водената кампања, очекувате ли влијание врз гласачите и некаков пресврт во резултатите?

Имаме неколку причини да очекуваме пресврт во резултатите, секако ова е една од посилните причини, поради тоа што се надеваме дека од тие 439 илјади кои гласале за Ѓорге Иванов и кои дале порака дека ќе гласаат за власта, да ги охрабриме повеќе тоа да не го прават, оти на некој начин се соучесници на еден начин и второ тие се наши граѓани кои ѝ сакаат добро на Република Македонија, колку и да се задоени партиски активисти. Се надеваме дека и од „војската“ на ВМРО–ДПМНЕ ќе прекршиме голем дел. Оваа порака е пред сè упатена за оние кои се под системска контрола, државната администрација, земјоделците со субвенциите, примателите на социјална помош, сето она сиромашно и кревко граѓанство, кое, за жал, знаејќи дека нема иднина вака, дека тешко и мачно живее, дека не може да гаи никаква надеж за подобра иднина, а сепак нема каде, оти се под контрола, под притисок, на крајот повторно го дава гласот за власта, на крајот токму тоа ќе се прекрши. Втората причина е огромниот процент на неизлезени граѓани, излезноста е 48,9 проценти во првиот круг на претседателските избори. Обично на парламентарните избори излезноста е помеѓу 63 и 68 отсто, се надевам сега ќе биде и повеќе, каде огромен ресурс на граѓани имаат можност да гласаат за промени, за нов почеток. Според нашата аналитика, власта под контрола што го има е тоа, максимумот е тој. Она што остана дома за првиот круг знаејќи дека Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски ќе одат во вториот круг и тогаш ќе биде одлуката за претседател на држава, кога ќе се одлучува и за идниот парламентарен состав, се надевам дека овој пат ќе се одважи и ќе излезе и ќе гласа онака како што мисли, но пред сè да излезе на гласање, ова е огромен резервоар, преку 350 илјади гласови и третата причина е албанскиот електорат. Ова е наша заедничка земја, сега им е јасно на сите, дека и те како од нив зависат работите. Тие се причините на кои се надеваме дека е можен пресврт во вториот изборен круг.

Значи ли ова дека малку наивно и неподготвено влеговте во самата кампања пред првиот круг за претседателски избори, со оглед на тоа што многу пораки се нови, многу постапки се нови, многу постапки се менуваат?

Апсолутно не, прво излеговме со комплетен, чесен пристап пред граѓаните, натпартиско решение за кандидат за претседател. Не само тоа, Стево Пендаровски беше сам во кампања, за да испратиме порака дека тој во иднина нема да им должни ниту на Заев, ниту на Шеќеринска, ниту на СДСМ.

Но, тоа не функционира господине Заев?

Дали функционира или не е чесен пристап кон граѓаните и продолжуваме напред со чесен пристап. Понудивме натпартиски листи во кои раководството не се смести, покажавме дека не е личниот интерес во прашање, туку е интересот на граѓаните и на Македонија. Останатиот дел, таму каде што се бараше нашето учество, ние учествуваме. Тоа беше нов изборен законик во кој директно учествувавме, но тоа е само закон, во пракса видовме што се случува. Ние не можеме да направиме попис, ние не сме држава, ние сме опозициона партија, државата треба да направи попис. Чистењето на избирачкиот список не може да го направи СДСМ, ние може да го набљудуваме, да го анализираме и се подготвуваме на тоа што го имаме. Државата прави прочистување на избирачкиот список преку Министерството за внатрешни работи и статистика, основата е Министерството за внатрешни работи. Во тие моменти, знаејќи дека нема ниту попис, ниту прочистен избирачки список, ако опозицијата кажеше – не одиме на избори, ќе испаднеше дека ние повторно бегаме од избори, дека ние повторно сакаме да најавиме бојкот или слично, ние дадовме шанса во овој прв изборен круг да видиме трезвеност на нашиот политички противник, за жал тоа не се покажа во првиот изборен круг.

Требаше ли ОБСЕ да каже дека е не фер теренот за натпревар?

ОБСЕ го кажа тоа после изборите, истото тоа што и ние го потврдивме уште вечерта и наредниот ден. Шансата беше во овој прв подготвителен круг за конечниот избор. Да дадеме шанса на власта за отрезнување, за фер, демократски и регуларни избори, тие докажаа дека нема отрезнување. Јас денеска сфаќам дека тие и да сакаат не можат, поради криминалната мрежа што е вака поставена и единствена цел им е да опстојат и да се одржат. Овој втор изборен круг ќе покаже пред сите дека отрезнување или ќе има и ќе има фер, демократски и регуларни избори или ова опозицијата нема повеќе да го алиментира. Ние ќе бидеме соучесници ако тоа го алиментираме. Пораката е испратена, тие го покажаа своето грдо лице, не се подготвени да организираат фер, демократски и регуларни избори.

Дали партијата размислува за бојкот?

Еве вака. Првиот изборен круг беше подготвителен за сите во Македонија, пред сè за власта, да покаже надменост и подготвеност да организира фер, демократски и регуларни избори, да ги тргне рацете од државата. Не може Гордана Јанкулоска да биде и носител на листа и министер за внатрешни работи и портпаролот на министерството да вика дека Радмила Шеќеринска е познат провокатор, катастрофа. Не може министерот за финансии, премиерот лично, со сите институции... Опозицијата се бори против државата и затоа е таа забелешка од ОБСЕ, дека нема разграничување на државата од партијата на власт.

Но, тоа не е од сега, тоа се создаваше со години, затоа и велам зошто опозицијата не учествуваше во создавање на тој фер терен за натпревар или да го пресретне тој нефер терен за натпревар. Нели е сега малку доцна?

Сè што требаше опозицијата досега да направи, направи. Цело време најавувавме дека ние ќе дадеме максимум, одличен придонес, ќе направиме сè што треба како опозиција, ние сме опозиција, затоа учествувавме во новиот изборен законик. Многу луѓе во Македонија имаат дилема дали воопшто треба да се учествува. Опозицијата упати недвосмислени јасни пораки на политичка дебата, тука сме да ја направиме регулативата како што треба. Знаете за препораките на ОБСЕ/ОДИХР да се разграничи државата од партијата, тоа го направивме на хартија, но денеска не функционира. И апсолутно, ако во овој втор изборен круг нема јасно разграничување на државата од партијата, сите опции се отворени. Комплетно сите опции. Ние продолжуваме, изборот е сегам на 27, 13–ти беше најавата за тоа кој влегува во вториот круг, а притоа беше добар мониторинг за однесувањето на власта. Сите веќе знаете, ако на 27 се повтори ова, сите опции се отворени. Ќе сториме сè, ем да бидеме одличен пример за почитување на законот, ем да бидеме првиот охрабрувач на граѓаните, за да се одважат и да кажат стоп на ова харање, пљачкање и уништување на Македонија.

Кои опции?


Сите опции, бојкот, непризнавање на резултатите, улична демократија, опцијата на победа. Се надевам дека на 27 ќе бидат најизвесните и најдобрите опции за Македонија, таа е таа конечна надеж којашто мора да ја има секој граѓанин на Македонија, а и опозицијата. Шансата е дадена до 27-ми, пред сè на власта, да се отрезни и освести, сè е минливо и менливо, ако продолжат да ја имаат целосната државна контрола, системска контрола врз секој гласач, што го прават, тогаш јасно е за сите, тука немате фер услови за изборен предизвик и за резултат.

Кој ќе биде сигналот за да бидат активирани другите опции?

Однесувањето на власта е сигналот, да ги тргне валканите раце преку сите државни институции и инструменти од граѓанинот и да го почитува правото на глас.

Ќе си поднесете ли оставка доколку СДСМ ги изгуби изборите?

Зарем тоа е важна работа денеска кога зборуваме за овие работи. Овде сум да се втурнам, да ја зграпчам честа, да покажам поинаква наша Македонија, среќна наша Македонија, земја со иднина, и апсолутно тоа на крај памет во размислување не ми доаѓа што ќе се случува после 27 ако продолжи недвосмислено јасно Македонија да биде втурната во констатирана диктатура, оти досега тоа е само најавена диктатура, може да се случи и констатирана диктатура, забегана работа до крај. Зарем е важно дали Заев ќе биде претседател на опозицијата или не, јас сум целосно растеретен. Оваа партија е голема, има свои органи и тела, после изборите ќе анализира и во случај на победа и во случај на пораз, апсолутно тоа не ме обременува и сум целосно растеретен.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG