Достапни линкови

Бугарија најави дека „ќе се бори“ за „Јужен тeк“


Бугарија планира да се бори за реализација на проектот „Јужен тeк“ и смета дека во случај на воведување на економски санкции кон Русија, неопходно е усвојување на финансиски механизам за компензации на државите, кои би можеле да претрпат штета, изјави денеска бугарскиот министер за економија и енергетика, Драгомир Стојнев.

„Доколку Европската народна партија ги добие изборите во ЕУ, „Јужен тeк“ би можел да биде запрен и ние ќе загубиме илјадници работни места, повеќемилионски инвестиции, а исто така и безбедни испораки на природен гас за нашето стопанство“, предупреди Стојнев.

Тој нагласи дека Русија е стратешки партнер на Бугарија и додаде дека Софија ќе ги исполни одлуките на Европската комисија, но ќе се бори евентуалната одлука за санкциите да се усогласи со сите заинтересирани страни.

Истовремено, бугарското радио „Фокус“ ја пренесе изјавата на официјалната претставничка на еврокомесарот за енергетика Сабине Бергер дека реализацијата на проектот „Јужен поток“ бара политички преговори.

„Во овој момент политички преговори не се водат, во текот на оваа година се одржани два состаноци на работните групи за „Јужен тeк“ на техничко ниво“, рече Бергер.

Таа додаде дека работната група е должна да ги одреди правните граници на функционирање на гасоводот „Јужен тeк“ на територијата на ЕУ, кои треба да одговараат на европските потреби.
XS
SM
MD
LG