Достапни линкови

„Влакна“ на Венинова со награда на „Ворлдфест Хјустон“


„Влакна“, филмот на Елеонора Венинова, деновиве ја доби наградата „Gold Remi“ во категоријата за краток трилер/мистерија на 47. издание на фестивалот „Ворлдфест Хјустон“ што се одржа во американската држава Тексас. Станува збор за една од најстарите светски филмски манифестации и за случување на кое од повеќето илјади пријавени дела, во официјална конкуренција влегувааат само стотина.

Интернационалната премиера на „Влакна“, на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова, на целата екипа и продуцентската куќа „Партес“, им ја донесе и првата значајна награда. Филмот, во силна и голема конкуренција, ја освои наградата „Gold Remi“ во категоријата за краток трилер/мистерија на 47. издание на фестивалот „Ворлдфест Хјустон“ што неодамна се одржа во американската држава Тексас.
Со оглед на тоа што сценариото и самиот филм беа во подготовка некои две-три години наградата е врв и една огромна радост за мене лично затоа што и „Влакна“ е доста интимен проект.


„Со оглед на тоа што сценариото и самиот филм беа во подготовка некои две-три години наградата е врв и една огромна радост за мене лично затоа што и „Влакна“ е доста интимен проект. Го работев со навистина голема страст и таа страст некако се пренесе на сите членови на екипата, така што наградата е значајно признание за сите нас. Особено затоа што работевме во навистина тешки услови... мал буџет и ограничени ресурси...а сакавме да направиме нешто поинакво, нешто што досега можеби и не е видено во Македонија“, истакнува Венинова. Елеонора Венинова, режисерка. Фото: Давор Коњукшиќ.

Елеонора Венинова, режисерка. Фото: Давор Коњукшиќ.



Во оваа крими-сторија за една детективка која истражува убиство на мало девојче со влакно како клучен доказ во случајот главните улоги ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и Бојан Жировиќ од соседна Србија. Во филмот играат и Слаѓана Вујошевиќ, Марија Арсенкова и Трајче Црвенов. Директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката - Дејан Спасовиќ, за сценографијата се погрижија Филип Велковски и Никола Анѓелковски, монтажата е на Бошко Столиќ, а изборот на костими го направи Верица Андреевска – Спасовиќ.
Европа ни е исто така таргет, меѓутоа она што е интересно е што си пожелуваме филмот да го оспособиме и да го дистрибуираме за прикажување на телевизии.


„Влакна“ досега беше прикажан на фестивалите „Браќа Манаки“ и „Синедејс“, а по учеството на фестивалот во Хјустон, во деновите од изминатиот викенд го виде и публиката на интернационалниот „Норт Холивуд Синефест“ во Лос Анџелес, Калифорнија.

Продуцентот Небојша Илиевски вели дека и натаму остануваат да бидат присутни на фестивалите низ Америка бидејќи увиделе дека тој начин на пишување и продукција таму го препознаваат, а потем ќе следува дистрибуцијата во балканските држави и низ Европа.

„Европа ни е исто така таргет, меѓутоа она што е интересно е што си пожелуваме филмот да го оспособиме и да го дистрибуираме за прикажување на телевизии. Тоа е нов тренд, можеби звучи невозможно, но ете тоа е еден од плановите за нашето натамошно делување во правец на прикажувањето на „Влакна“.“

Од друга страна, мотивирана од ваквиот след на настаните Елеонора Венинова го подготвува и својот нов проект – документарецот за поетесата Искра Донева.

„Тоа е мојот следен проект на кој што му пристапувам со речиси еднаква страст како и на „Влакна“, затоа што мислам дека ако само така им пристапуваме на работите, на соновите и на сценаријата кои што ги пишуваме, можеме да постигнуваме вакви резултати. “

Кон ова само уште информацијата дека „Влакна“ беше поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија, а освен активистичкото вклучување на поголемиот дел од тимот во неговата реализација, остварувањето исто така го поддржаа и ОВС Индустрис, „Лице в лице“ - регионалната платформа за активизам и Агенцијата за социјален адвертајзинг „Партес“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG