Достапни линкови

Апостоловски со „Златна пеперутка“ го почнува кореографскиот сон


Валентино Апостоловски, од Скопје танцова академија, со „Седумнаесет степени", е победник и освојувач на наградата „Златна пеперутка“ на првиот Интернационален натпревар за кореографи „Танцлаб" што се одржа деновиве во Младинскиот културен центар, во рамките на јубилејното, десетто издание на „Танц фест“. Ваквата едногласна одлука ја донело жирито на чело со славниот Самјуел Вуерстен, директор на Ротердам танцова академија.

Валентино Апостоловски, танчер на Скопје танцова академија, почнува да го живее својот уметнички сон. Тој, за своето кореографско дело „Седумнаесет степени“ (инаку интегрален дел на претставата „Импулс“ и негова дипломска работа), е победник и освојувач на наградата „Златна пеперутка“ на штотуку завршениот прв Интернационален натпревар на кореографи „Танлаб“, што за десетгодишниот јубилеј како новина го промовираше „Танц фест“.
На „Танцлаб“ се пријавив само заради искуството бидејќи ние како млади танчери никогаш досега не сме имале можност да присуствуваме на еден таков натпревар. Тоа беше првичното нешто, а потем ете дојде и победата.


Пресреќен од таквиот след на настаните, Апостоловски вели дека дури сега откако ја преспал ноќта полека му станува јасно што му се случило. Дополнува дека воопшто не помислувал на награда, туку дека едноставно сакал да стекне само одредено искуство.
Валентино Апостоловски.

Валентино Апостоловски.


„На „Танцлаб“ се пријавив само заради искуството бидејќи ние како млади танчери никогаш досега не сме имале можност да присуствуваме на еден таков натпревар. Тоа беше првичното нешто, а потем ете дојде и победата.“
Цел Запад работи на принцип на аудиции и тоа ми е, сега за сега, целта – да се обидам да влезам во некоја добра компанија за танц каде што ќе можат да се докажувам и да стекнам нови искуства.

Тој објаснува дека своето кореографско дело го подготвувал повеќе од два месеца под будното око на својата менторка Рисима Рисимкин и дека им е многу благодарен на колешките и колегите кои играат во него и кои со своите идеи многу му помогнале во креирањето. Вели дека сега и покрај наградата ќе остане цврсто да стои на земја и дека најпрвин ќе се фокусира на својата кариера како танчер во некоја од странските танцови компании, а дури потем ќе размислува за својата иднина како кореограф.

„Цел Запад работи на принцип на аудиции и тоа ми е, сега за сега, целта – да се обидам да влезам во некоја добра компанија за танц каде што ќе можат да се докажувам и да стекнам нови искуства. И, се разбира, јас неизмерно го сакам кореографирањето бидејќи таму е претставена твојата мисла и ќе се трудам да се докажувам и на тоа поле.“

„Седумнаесет степени“ е прво негово современо танцово дело иако Апостоловски, токму како кореограф, неодамна соработувал со Благој Мицевски во реализацијата на неговата магистерска претстава по режија. Говорејќи, пак, за својот развоен пат како танчер ќе рече дека „по малку ризикувал“. Забележува дека тој во родната Битола немал можност да посетува балетско училиште, но дополнува дека се натпреварува од мал и цели 12 години е државен првак за латино-американски и стандардни танци.

„Секогаш сум ги сакал музиката, уметноста, спортот...и најдов начин сето тоа некако да го спојам во едно. Бидејќи сево ова што го работиме е доста физички, а згора на тоа станува збор за уметност која што многу ја сакам, после завршувањето на гимназијата кога морав да донесам одлука што понатаму слушнав за Академијата и решив дека тоа е тоа.“

На прашањето кои се неговите идоли од кореографите, Апостоловски вели дека и покрај тоа што можеби ќе звучи како клише, сепак Јири Килијан за него е еден од најдобрите кои што постојат. Забележува дека тука е и Ицак Галили и мнозина други од кои сака да црпи знаења, но убеден е дека нема никого да копира туку ќе настојува еден ден да понуди свој кореографски ракопис.

„Сега се уште би сакал малку да се расфрлам на сите страни, за да можам да се пронајдам подобро бидејќи сега ја почнувам кариерата. Не знам точно што сакам и каде ќе се пронајдам па затоа пробувам што повеќе можни стилови. Слушам многу музика, слушам сè и се надевам дека ќе изградам еден автентичен стил кој ќе биде препознатлив за мене и кој ќе биде добро прифатен од публиката. “
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG