Достапни линкови

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен најави воено засилување на источните граници на Алијансата. Претходно оклопни возила со руски знамиња влегле во источна Украина. Тие се стационирале пред зградата на градската управа во Словјанск која е окупирана од проруски сепаратисти.

Украинското министерство за одбрана демантира дека проруски активисти заплениле воена опрема или дека украински војници преминале на руска страна.

Претходно се појавија снимки на кои се гледа дека наводно украински сили дезертираат и им се придружуваат на проруските сепаратисти. Украинскиот премиер Арсениј Јацењук ја обвини Русија дека извезува тероризам во Украина.

„Колку што можам да сфатам, Руската федерација има нов производ за извоз. Покрај нафтата и гасот, Русија почна да извезува тероризам во Украина. Ваквите терористички операции на руските специјални сили не само што не се прифатливи, туку се и меѓународно злосторство.“

Јацењук додаде дека на планираните утрешни разговори во Женева меѓу Украина, Русија, Соединетите држави и Европската унија ќе побара од Москва да ја запре поддршката на сепаратистите.
Денеска се согласивме за пакетот нови воени мерки за да се зајакне нашата колективна одбрана и да се демонстрира силата на нашата здружена солидарност. Ќе имаме повеќе авиони во воздух, повеќе бродови на вода и многу повеќе подготвеност на земјата.

Украинските сили пред два дена покренале антитерористичка операција против проруските активисти.

Русија пак ги отфрли обвинувањата од Киев и Западот дека стои зад нередите и предупреди дека употребата на сила против активистите ќе ги наруши Женевските преговори.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека планира да учествува на преговорите.

„Ќе ја смируваме ситуацијата. Украинците мора сами да најдат решение, бидејќи изворот на кризата лежи длабоко во самата украинска држава и непокренување разговори со сите политички сили во другите региони. Нема друг излез од кризата.“

Изјави Лавров. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен денеска во Брисел по средбата на Северноатлантскиот совет изјави дека Алијансата планира во наредните денови воено да ги зацврсти источните граници на НАТО како одговор на кризата во Украина.

„Денеска се согласивме за пакетот нови воени мерки за да се зајакне нашата колективна одбрана и да се демонстрира силата на нашата здружена солидарност. Ќе имаме повеќе авиони во воздух, повеќе бродови на вода и многу повеќе подготвеност на земјата.“

Изјави Расмусен, додавајќи дека НАТО е во фаза кога е неопходна колективната одбрана на Алијансата. Тој изрази надеж дека Женевските преговори ќе го трасираат патот за мирно и политичко решение на кризата.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин оцени дека Украина е на работ на граѓанска војна. Во телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, како што соопшти Кремљ, двајцата државници изразиле надеж дека состанокот во Женева ќе биде јасен сигнал за враќање на ситуацијата во мирни рамки.

На ист став е и американскиот Стејт департмент кој најави дополнителни санкции против Москва доколку овие преговори пропаднат.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG